Општина Тетово е крајно незадоволна од одлуката на Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди формирана од Владата, која не го зела во предвид извештајот на Општинската комисија за проценка на штети предизвикани од поплавите лани во мај. После неколкудневни обилни дождови, повеќе реони и маала во Тетово се најдоа под вода и беше причинета голема материјална штета. Од Општина Тетово велат дека ваквата одлука на Владата има политичка позадина.
„Владата на Северна Македонија продолжува да ѝ се одмаздува на Општина Тетово, односно на нејзините граѓани, со отфрлање на извештајот на Општина Тетово за проценка на штетите од поплавите во мај минатата година. Ја информираме јавноста дека Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди формирана од Владата, не го има земено во предвид извештајот на Општинската комисија за проценка на штети од поплавите од 2022 година и покрај тоа што Владата има законски обврска за помош на подрачјата погодени од природни непогоди. Сметаме дека оваа одлука на Владата да не им помогне на жителите погодени од поплавите има политичка заднина како резултат на двојниот пораз што го претрпе политичката партија која е на власт“, се вели во соопштението на Општина Тетово.
Од Општината велат дека неколкупати се обратиле до Владата со барање да го преземе надоместокот на штетите бидејќи тоа е нејзина законска обврска, но барањата биле одбиени без никакво образложение.
Во периодот минатата година кога Општина Тетово ја зафатија поплави, Советот на општината не функционираше и како резултат на тоа не беше можно да се формира комисија за проценка на штетите. Кога се конституира новата општинска власт, беше формирана и нова комисија за проценка на штети од елементарни непогоди која го подготвила конечниот извештај но, како што велат од Општината, „овој извештај не бил прифатен од Комисијата за проценка и утврдување на штети од елементарни непогоди формирана од Владата на РСМ од банални, па и политички причини“.
„Општина Тетово ги известува граѓаните дека ќе преземе конкретни мерки и активности неопходни за помош на граѓаните погодени од поплавите и ги уверува дека штетите предизвикани од поплавите ќе бидат надоместени и покрај финансиската криза со која се соочуваме како резултат на лошото менаџирање од претходната администрација“, вели Општина Тетово.
З. АНДОНОВ