ВЛАДАТА ПРЕДЛАГА ОДЛОЖУВАЊЕ НА ЛИЦЕНЦИТЕ ЗА ИСПИТНИТЕ ЦЕНТРИ ДО ДЕКЕМВРИ 2019, ОТКАКО ВО СТРУМИЦА НЕ СЕ ПОЛАГА ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА

    ВЛАДАТА ПРЕДЛАГА ОДЛОЖУВАЊЕ НА ЛИЦЕНЦИТЕ ЗА ИСПИТНИТЕ ЦЕНТРИ ДО ДЕКЕМВРИ 2019, ОТКАКО ВО СТРУМИЦА НЕ СЕ ПОЛАГА ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛАНад 500 кандидати од Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија чекаат да го полагаат завршниот испит за возачка дозвола оти испитните центри немаат лиценциран кадар, па Владата предлага лиценцирањето да се одложи до декември 2019 (Фото: СДК.МК)

    Лиценциран стручен кадар, испитните центри за возачка дозвола да имаат од 30 ноември 2019, предлага Владата во измените на Законот за безбедност во сообраќајот, откако сите испитни центри признаа дека немаат лиценцирани испитувачи согласно постоечкото законско решение, а во Струмица веќе четири месеци не се полага испит за возачка дозвола.

    Освен испитните центри, актуелниот  Закон за безбедност во сообраќајот налага лиценциран кадар да имат и автошколите, посебно предавачите и возачите инструктори кои  треба да полагаат стручни испити пред комисија во МВР. Стручните испити за лиценци требаше да ги спроведе МВР, но бидејќи нема соодветна база на прашања постапката воопшто не започна, па изминативе месеци сите испитни центри и автошколи во земјава работеа без лиценциран кадар. Од таа причина, тие на Влада предложиле измени и дополнувања на законското решение кои допрва треба да се најдат во Собрание.

    ,,Со оглед на специфичноста на кадарот кој треба да се стекне со овие лиценци и видот на прашањата кои треба електронски да се одговараат, многу е сложена постапката за изготвување на овие прашања. Прашањата за овие испити наметнуваат во нивното обликување да бидат инволвирани соодветни наставно-научни профили, а постапката за нивно ангажирање трае подолго време. Од тие причини, се предлага дополнителен временски период за заокружување на овој процес и одлагање на електронското полагање за стекнување со овие лиценци’’, велат од МВР откако на последната владина седница се расправало за овој проблем.

    Предлог измените треба да влезат во Собрание овие денови, со што ќе се откочи процесот на полагање во Југоистокот, каде над 500 кандидати од Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија чекаат да го полагаат завршниот испит за возачка дозвола.

    В.ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира