Власта и опозицијата повторно здружено направија нови измени на Изборниот законик со кои се оневозможува на граѓанските иницијативи да учествуваат на изборите. Уставниот суд на 20 мај ги укина измените кои пратениците ги донесоа во март 2024 година, со кои се крена прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи да учествуваат на избори на 1 процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица. Но, сега повторно по скратена постапка во Собранието е поднесен предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик со кој прагот прагот за потребни потписи се зголемува.
Граѓанските иницијативи велат дека со оваа пратениците ѝ плукаат во лице на уставноста и со кој дрско ја погазуваат одлуката што ја донесе Уставниот суд за укинување на претходните противуставни измени на Изборниот законик. Измените се во колизија со одлуката со која Уставен суд ги укина претходните противуставни одредби од 1%. Сега предложените прагови за потписи се дури и повисоки од 1% за голем број на општини каде што се наоѓаат најголем број од избирачите
„Пратеничките состави се менуваат, но тенденцијата да ги подметнуваат истите валкани сопки останува. Не затоа што независните не се доволно добри, туку затоа што се доволно опасни по нивниот монопол. Ова не е изборен закон. Ова е акт на страв. Страв од гласот што не го контролираат, ама нема да им помине.Уставниот суд наведе дека зголемувањето на потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидати претставува вмешување во остварувањето на избирачкото право на граѓаните што е гарантирано со член 22 од Уставот бидејќи со оспорената измена се отежнати или оневозможени условите под кои граѓаните ќе можат да избираат независни кандидати. Претходните одредби беа применувани безмалку две децении и се поставува прашањето зошто пратениците во 2024 година се одлучија да ги изменат по 18 години нивна примена во практиката без доволно аргументирано објективно образложение. Истото се случува и со сегашните предлози“, велат од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“, „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово.
Со измени на Изборниот законик се предвидува:
– во општината до 10.000 избирачи најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 10.001 до 20.000 избирачи најмалку 200 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 20.001 до 30.000 избирачи најмалку 300 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 30.001 до 40.000 избирачи најмалку 400 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 40.001 до 50.000 избирачи најмалку 500 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 50.001 до 60.000 избирачи најмалку 600 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 60.001 до 70.000 избирачи најмалку 700 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 70.001 до 80.000 избирачи најмалку 800 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 80.001 до 90.000 избирачи најмалку 900 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината над 90.001 избирачи најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во градот Скопје најмалку 3.500 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје.
„Сегашните измени на Изборниот законик не се во функција на поттикнување, туку во функција на ограничување на плурализмот на политичките ставови и мислења, што е прекршување на уставно загарантираното право на кандидирање за јавна функција што го има секој граѓанин на Македонија уредено во чл. 23 од Уставот. Ова право воедно е и една од темелните вредности на македонскиот уставен поредок. Предложените измени не создаваат услови за плуралистичка политичка клима, фер изборен натпревар и средина во која ќе се промовира учество не само на политичките партии, туку и на другите групи и поединци во политичкиот и јавниот живот, во која и граѓаните како поединци ќе можат слободно, како независни кандидати да ги изнесуваат своите ставови и мислења кои најчесто се различни и спротивни од оние на политичките партии и партиските кандидати. Недозволиво е флагрантно непочитување и газење на одлуката на Уставниот суд, која јасно вели дека не смее да има зголемување на потребниот број на потписи за предлагање независни кандидати. Ние ќе поднесеме амандмани на предложените измени на партиите, во согласност со мислењето на Уставниот суд и Уставот“, додаваат граѓанските иницијативи.
На локалните избори 2021, независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Град Скопје.
А. АНТЕВСКА