Цената по која се приватизира државно земјиште од 7 евра по метар квадратен е донесена во 2011 од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Со „Уредба за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште“, цената за метар квадратен земјиште во Општина Центар, за изградба на комерцијални деловни објекти изнесува 438 денари.
СДСМ, пак, 6 години е на власт и ништо не направи за да ја смени оваа одлука, па и оваа власт приватизира државно земјишта за истата цена, како што е последниот случај со парцелата спроти зградата на поранешна „Нова Македонија“ во центарот на Скопје продадена на бизнисменот Фатмир Етеми.
Како што објави редакцијата „Само прашај“ компанијата „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Етеми успева да се стекне со сопственост на атрактивна парцела по цена од 7 евра за квадрат кај поранешен Цветен пазар во скопски Капиштец. Државното земјиште е приватизирано по багателна цена со одлука на Министерството за финансии и министерот Фатмир Бесими пред Нова година, односно на 29 декември. Оваа парцелата во 1930-те години била во сопственост на Југословенската државна железница, а потоа станала државна сопственост. Откако Етеми ги купил останатите околни парцели од приватни сопственици, успеал од државата да ја добие и оваа парцела. Со тоа, тој сега е единствен сопственик на парцелите каде според Деталниот урбанистички план се предвидува изградба на станбена зграда и хотел од 15 ката.
За продажбата на оваа парцела денеска меѓусебно се обвинуваа ВМРО-ДМПНЕ И СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција кажаа дека СДСМ продолжува со бетонизацијата на Скопје и после продажбата на државното земјиште спроти „Холидеј ин“, сега продава уште една атрактивна парцела во центарот на градот.
Од СДСМ одговорија дека цената за земјиштето спроти зградата на „Нова Македонија“ е формирана од Владата на ВМРО-ДПМНЕ со потпис на Никола Груевски и дека сегашната состојба во Скопје е последица на нивното долгогодишно узурпирање на Центар. Од владејачката партија најавија дека „ќе се преземат чекори за промена на сите закони и уредби од времето на ВМРО-ДПМНЕ кои уште предизивкуваат штета, вклучително и споменатата“.
А. АНТЕВСКА