ВЛАСТА СО ПОДЛИ МЕТОДИ САКА ДА ГИ СМЕНИ ДИРЕКТОРИТЕ НА БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА, ОБВИНИ СДСМ, ОД ВМРО-ДПМНЕ ВЕЛАТ ДЕКА РЕВИЗИИТЕ НЕ ЗНАЧАТ ПРИТИСОК

    ВЛАСТА СО ПОДЛИ МЕТОДИ САКА ДА ГИ СМЕНИ ДИРЕКТОРИТЕ НА БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА, ОБВИНИ СДСМ, ОД ВМРО-ДПМНЕ ВЕЛАТ ДЕКА РЕВИЗИИТЕ НЕ ЗНАЧАТ ПРИТИСОКСо денови трае вербална војна помеѓу политичките партии во Битола за директорите на училиштата (Фото: СДК.МК)

    Продолжуваат смените на директорите во битолските основни и средни училишта кои со години се поставуваат по партиски клуч во најголем број случаи. За неколку месеци сменети се поголем број директори поставени во времето на СДСМ, а сегашната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ на нивно место назначи в. д. директори. На некои мандатот им истече, други си дадоа оставка, а има и разрешени по спроведени ревизии за нивното работење.

    Со денови трае вистинска вербална војна помеѓу политичките партии во Битола на оваа тема. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека ревизиите во некои училишта открија неработење и незаконитост на процедурите.

    Застрашувачки се констатациите кои произлегуваат од ревизорските извештаи за битолските училишта. Затекнати се училишта без соодветен систем за финансиско управување и контрола и грубо непочитување и неусогласеност во примената на Законот за јавни набавки, особено при реализацијата на проекти финансирани од европските фондови. Ревизија во училиштата има и мора да има“, рече Лидија Павловска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ и поранешна директорка на битолско училиште.

    СДСМ обвини дека Коњановски спроведува чистка на директори со мандат и дека се сменети директори кои во изминатите години ги реновираа училиштата. Додаваат дека со помош на централната власт беа вложени 4,4 милиони евра за да се одблокираат десет училишта кои ВМРО-ДПМНЕ ги остави со блокирани сметки од 2012 до 2019.

    ВМРО-ДПМНЕ и Коњановски не сакаат да соработуваат со директорите на училиштата поставени во времето на СДСМ кои сè уште имаат мандат и со најподли методи се обидуваат да ги отстранат. Притисоци во вид на паушални ревизии чиј исход однапред се знае и закани дека ќе им бидат одземени часовите и ќе бидат прогласени за технолошки вишок се секојдневие за директорите. На училиштата не им се одобруваат програмите за работа, не им се префрлаат средства и покрај законската обврска и се смислуваат илјадници сопки со кои се саботира работата“, обвини Ивона Трифунов, членка на НО на СДСМ Битола.

    За советничката Павловска велат дека „памет соли поранешна директорка која во 2017 го остави училиштето со долг од 457.206 евра.

    Од Општина Битола одговорија дека воопшто не се врши притисок врз директорите кои сè уште имаат мандат.

    Ревизиите не значат притисок, туку се дел од редовната работа на внатрешниот ревизор. Внатрешната ревизија се спроведува согласно тригодишна стратегија и годишен план. Нејзина цел е давање препораки за подобрување на функционирањето на процесите“, кажаа од општината.

    Во периодот од 2018 до 2021 во градот немаше училиште во кое не се изведуваа реконструктивни зафати. Се санираа тоалети, покриви, фасади и спортски терени, се менуваа врати и прозорци, се поправаа тавани и кабинети. Покрај одблокирањето, за три години беа вложени 221.532 евра во дополнителни реконструкции.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира