ВМРО-ДПМНЕ Е ПРОТИВ ДЕЗИНФЕКЦИЈА НА ОХРИД ОТИ ГО ЗАГАДУВА ЕЗЕРОТО

    ВМРО-ДПМНЕ Е ПРОТИВ ДЕЗИНФЕКЦИЈА НА ОХРИД ОТИ ГО ЗАГАДУВА ЕЗЕРОТОВо понеделникот по заминувањето на викендашите со средство за дезинфекција се изврши миење на улиците во централното градско подрачје, градскиот кеј и чаршијата. (Фото: СДК.МК)

    Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид е против темелната дезинфекција на градот заради заштита од ширење на коронавирусот, што локалната власт ја изврши по долгиот карантински викенд во понеделникот откако заминаа посетителите од другите градови. Партијата смета дека дезинфекцијата на јавните површини ќе го загади Охридското Езеро и е спротивно препораките на Светска здравствена организација (СЗО), која не препорачува јавно прскање против КОВИД-19.

    СЗО не препорачува прскање со дезинфективи на улици и тротоари или отворени простори против КОВИД-19 или други патогени оти тие не се сметаат за патеки за пренесување на вирусот и прскањето ќе биде неефикасно.

    „Непромислено и брзоплето и спротивно на препораките на СЗО, еден ден откако градот го напуштија илјадниците посетители во деновите на долг карантин за некои од градовите во Македонија, градските власти побрзаа да ги дезинфицираат улиците, кејот и многу други јавни површини. Брзајќи да остават впечаток дека ‘нешто се прави’ и дека ‘сѐ е под контрола’, веројатно не им падна на памет да прочитаат или барем да консултираат некого кој знае да прочита што советува СЗО на оваа тема. Веројатно, заборавија дека живееме покрај едно од најстарите, најчистите, најдлабоките и најубавите езера во светот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и сметаат дека ризикот по Охридското Езеро од прскање против КОВИД-19 не е оправдан, за што „некој треба да понесе одговорност за загрозување на здравјето на граѓаните и за загрозување на водите на Охридското Езеро“.

    Во Охрид досега има 37 заболени од коронавирусот, од кои 20 активни.

    Во понеделникот упте од рано наутро, возила на ЈП „Охридски комуналец” почнаа со темелна дезинфекција на градот согласно препораките на Кризниот штаб на Општина Охрид за превенција од коронавирусот.
    „Со средство за дезинфекција се изврши миење на улиците во централното градско подрачје, градскиот кеј и чаршијата”, напиша на својата Фејсбук страница градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, а најавено е дезинфекцијата на јавните површини ќе продолжи интензивно и во текот на наредниот период.

    Охрид за време на викендот неофицијално го посетиле 5. 000 гости од други градови.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира