ВМРО-ДПМНЕ ГИ ЗАГУБИ ИЗБОРИТЕ ВО ДОЈРАН, НОВО СЕЛО И КОНЧЕ, НО СТАМОВ, ВЕЛКОВ И ЈОВАНОВ УШТЕ СЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ

    ВМРО-ДПМНЕ ГИ ЗАГУБИ ИЗБОРИТЕ ВО ДОЈРАН, НОВО СЕЛО И КОНЧЕ, НО СТАМОВ, ВЕЛКОВ И ЈОВАНОВ УШТЕ СЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИСпоред официјалните веб страни на Општините Дојран, Ново Село и Конче, поранешните градоначалници Блажо Велков, Борче Стамов и Благој Јованов од ВМРО-ДПМНЕ уште се на функција (Фото: СДК.МК)

    Поранешните први луѓе на Општините Дојран, Ново Село и Конче, Борче Стамов, Блажо Велков и Благој Јованов, и понатаму се водат како градоначалници во нивните општини иако одамна ги напуштија кабинетите. Тие како кандидати на ВМРО ДПМНЕ беа во трка за нови мандати и загубија на последните локални избори, но според општинските официјални веб страни тие и понатаму се градоначалници. За новите Анго Ангов на Дојран, Боро Стојчев на Ново Село и Благој Илиев на Конче речиси нема никаков текст.

    На официјалниот сајт на Општина Дојран може да се прочитаат активностите на новиот градоначалник Анго Ангов, но ако сакате да дознаете кој е всушност Ангов ќе добиете информации за неговиот претходник Борче Стамов, тргнувајќи од неговото образование па сè до неговото работно искуство и заложби.

    Слично е и во Општина Ново Село. На официјалниот сајт, последната информација е за примопредавање на градоначалничката функција, но ако кликнете во категоријата градоначалник ќе добиете информации и податоци за Блажо Велков, но не и за актуелниот градоначалник Боро Стојчев.

    На официјалната веб страна на Општина Конче и по три месеци откако загуби, ќе ве пречека ликот на ексградоначалникот Благој Јованов, кој ќе ви посака добредојде на општинскиот сајт. Таму нема ниту збор напишано за новиот градоначалник Благој Илиев, ниту во објавените информации ниту пак во категорите општинска администрација и градоначалник.

    Засега нема одговор зошто во Ново Село, Дојран и Конче административните органи задолжени за одржување ги немаат ажурирано имињата на новите и актуелни градоначалници, кои се активни на своите фејсбук фан страни каде секојдневно поставуваат фотографии за своите активности, но на официјалните општински веб страни ги нема.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира