Споменикот на Андон Лазов-Ќосето повторно да ќе постави откако на денешната седница на Советот на Град Скопје тоа го изгласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Градоначалничката Данела Арсовска денеска по третпат ја стави на дневен ред точката за поставување на Ќосето на кружниот тек кај хотел „Континентал“ и сега беше изгласана. За враќање на Ќосето гласаа 15 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од Левица, по еден од Демократски сојуз, Гром и советничката Ирена Витина која излезе од ВМРО-ДПМНЕ и ја поддржува Арсовска. Изгласувањето го проследија со аплауз.
Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си, го отстрани ексградоначалникот Петре Шилегов во 2018 година.
Градоначалничката Арсовска неколку месеци по стапување на функцијата најави дека ќе го враќа Ќосето. Сега според изгласаната одлука наместо пред комплексот судови споменикот ќе биде поставен на нова локација, до кружниот тек на булевар Александар Македонски кај хотелот „Континентал“.
„Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана“, напиша Арсовска пред четири месеци на својот фејсбук профил.
А. АНТЕВСКА