Советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно не дозволија да се набават нови автобуси за ЈСП „Скопје”. На денешната седница на Советот на Град, сите други советнички групи гласаа „за”, само советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за одлуката и со тоа немаше мнозинство за да се почне постапката на набавка на еко автобуси. За гласаа 20 советници, а за да помине одлуката потребни се 23 гласови.
За разлика од минатите седници кога точката гласаше кредитно задолжување за набавка на автобуси, сега предлог-одлуката беше потреба за почнување постапка за набавка на нови возила.
Претседателот на Советот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески рече дека нема да ја гласа одлуката затоа што во буџетот за 2024 немало пари за оваа намена, а не се знае каков ќе биде буџетот за 2025.
На ова му реплицираше градоначалничката Данела Арсовска, која му рече да се формира Комисија за спроведување на постапката, а тој како поранешен министер за финансии да предложи со ребаланс да се пренаменат средства, само да престане блокадата.
„Како сакате вие така ќе правиме. Сега кажевте ме сте сакале кредитно задолжување, ајде тогаш сите заедно да седнеме и да пренамениме онолку пари колку што мислите дека се потребни. Ништо не прифаќате, а граѓаните со саати чекаат автобус. Нема друго објаснување освен дека си играте мајтап и сакате хаос во јавниот превоз. Па вие заедно со мене ветувавте 250 еколошки автобуси, Мицкоски стоеше до мене и го збореше тоа, а сега не гласате“, рече Арсовска.
Не беше изгласана ниту точката за воведување на брз автобуски превоз, за што од ЕБОР е земен кредит од 70 милиони евра. За оваа точка не гласаа ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Зелен хуман град, односно поддршка имаше само од СДСМ, советникот од Гром Александар Трајановски и независната советничка Ирена Витина.
Со тоа во Скопје ниту ќе се набават нови автобуси, ниту ќе се воведе БРТ.
А. АНТЕВСКА