ВМРО-ДПМНЕ СО ОГНОМЕТ ГО ПРОСЛАВИ ВОДСТВОТО ВО БИТОЛА, ОД СДСМ НАЈАВИЈА ПОБЕДА ВО ВТОР КРУГ

    ВМРО-ДПМНЕ СО ОГНОМЕТ ГО ПРОСЛАВИ ВОДСТВОТО ВО БИТОЛА, ОД СДСМ НАЈАВИЈА ПОБЕДА ВО ВТОР КРУГЧленовите на ВМРО-ДПМНЕ успехот го прославија и со огномет пред партискиот штаб. (Фото:СДК.МК)

    По само еден мандат на СДСМ минат како локална власт, ВМРО-ДПМНЕ со нивниот кандидат за градоначалник Тони Коњановски успеа да постигне водство во првиот изборен круг на овие локални избори. Партијата која беше во опозиција и тоа пред четири години поразена во првиот круг од СДСМ, вечерва во Битола прогласи победа.

    „Победуваме секаде од Нова Битола до Долно Оризари, од Горно Оризари до Буковски Ливади, од Цапари до Кукуречани, од центарот на градот, од Баир го Јени Маале. Од вкупно 170 избирачки места аналитичкиот центар има обработено 68, од кои Тони води со 8.000 наспроти 6.400 гласови”, рече Пеце Милевски, лидер на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

    Запрашан дали победуваат во прв круг, рече дека гласовите теба да се добројат, но се многу блиску до тоа.

    Членовите на ВМРО-ДПМНЕ успехот го прославија и со огномет пред партискиот штаб.

    Од СДСМ изјавија дека битката е израмнета и дека веројатно ќе има втор круг кога очекуваат победата да ја понесе нивниот кандидат Христо Кондовски.

    „Според податоци од помалку од половина од избирачките места, нашиот кандидат е изедначен со противкандидатот од најголемата опозициска партија. Очигледно во Битола ќе имаме втор круг и за две недели градот ќе го добие вистинскиот градоначалник, а тоа ќе биде Христо. За советници ситуацијата е уште понејасна односно уште поизрамнета трка за двете водечки партии во Битола”, рече Дејан Србиновски, портпарол на СДСМ Битола.

    Актуелната градоначалничка Наташа Петровска од редовите на СДСМ не успеа да се избори за втор мандат, иако до партијата имаше поднесено кандидатура. На претходните локални избори во 2017 година, СДСМ со Петровска успеа да освои историска победа добивајќи градоначалник уште во првиот круг со освоени рекордни 31.337 гласови, а претходно никогаш немало кандидат со добиени повеќе од 30.000 гласови.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира