ВМРО-ДПМНЕ СО ПОМОШ НА ЛЕВИЦА И ДУИ ИЗГЛАСА РЕБАЛАНС СО НИВНИ АМАНДМАНИ, АРСОВСКА ВЕЛИ ВАКОВ БУЏЕТ ЌЕ ГО БЛОКИРА ГРАДОТ И НАМЕРНО СЕ ПРАВИ КРИЗА

    ВМРО-ДПМНЕ СО ПОМОШ НА ЛЕВИЦА И ДУИ ИЗГЛАСА РЕБАЛАНС СО НИВНИ АМАНДМАНИ, АРСОВСКА ВЕЛИ ВАКОВ БУЏЕТ ЌЕ ГО БЛОКИРА ГРАДОТ И НАМЕРНО СЕ ПРАВИ КРИЗАГрадоначалничката Данела Арсовска и службите им објаснуваа на советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека со амандманите ќе се наруши можноста за редовно финансирање на обврските  на Градот и тој ќе се блокира. (Фото: К. Попов)

    Со 24 гласови „за“ од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ доцна синоќа, по целодневна расправа се усвои ребалансот на Буџетот на Град Скопје за 2022. Ребалансот се усвои со низа амандмани во висина од еден милион евра кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалничката Данела Арсовска кажа дека ваков буџет не може да се реализира и дека со него ќе се блокира Градот, а токму тоа е намерата на ВМРО-ДПМНЕ.

    Ребалансот беше предложен од градоначалничката Данела Арсовска, со измени во програмите за, како што рекоа од Градот, да може успешно да се заврши годината. Но, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ цел ден предложуваше амандмани и бараше да се кратат пари од програми за да се префрлат за проекти кои тие ги предложуваа, како што беше на пример помош за ФК Вардар од 250.000 евра. Поради тоа што советничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Советот, односно 16 советници, дел од тие амандмани со помош на советниците од Левица беа изгласани. Станува збор за релоцирање на околу еден милион евра.

    Градоначалничката Данела Арсовска, како и раководителите на Секторот за финансии и Правниот сектор им објаснуваа на советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека со вака формулираните амандмани ќе се наруши можноста за редовно финансирање на обврските на Градот и ако се прифатат на овој начин и во таа форма која е неприменлива и погрешна, измените нема да може да се вчитаат односно ќе го доведат во прашање извршувањето на буџетот.

    „Денеска и на Комисијата ви беше укажано дека доколку бидат усвоени овие амандмани ќе се загрози буџетот, односно ќе се одземе од оние ставки од коишто нема можност истото да се стори. Ако намерата е да се блокира Градот, да не се извршува буџетот и скопјани да се соочат со криза само затоа што вие така сте одлучиле, мислам дека тоа не е добро за Скопје. Амандманите стигнале на 9 ноември, но вие Трајко Славески сте ги чувале во фиока до 13 ноември. И еден ден пред седницата ни ги давате на нас и на службите во Градот кои го прават ребалансот. Ако сте сакале конструктивност ќе ги доставевте одма, за да можат луѓето кои професионално и во интерес на Градот работеа на ребалансот да ги разгледаат. Станува збор за проекти кои не се приоритетни, кои ќе бидат опфатени со буџетот за 2023, кои сега 45 дена пред крајот на годинава не ни можат да се реализираат. Но, интенцијата е јасна, сакате да го блокирате Градот“, рече Арсовска.

    Претседателот на Советот Трајко Славески ѝ рече на градоначалничката Арсовска дека ако сакала ќе нашла начин како да се најдат пари за овие нивни проекти и ѝ раскажуваше како тој кога бил министер за финансии, решавал многу буџети и ребаланси.

    „Нема нерешлив проблем, ако вие сакате да се изгласа овој ребаланс можевте да најдете такви цифри за да ја затворите сложувалката. Кога бев министер за финансии, при една расправа за буџет ја напуштив салата кога пратениците поднесоа амандман за да ги зголемат нивните привилегии. Три саати ме немаше, размислував како да го решам тоа. Нема врска тоа дека Градот ќе биде блокиран. Може две работи да направите, да го повлечете ребалансот на буџетот целосно или да предложите амандман со којшто ќе го решите проблемот. Мене ми се потребни 3 минути за тоа да го решам. Ако сакате да се консултирате и да ве подучи некој дека не сте во право со ваквиот начин на размислување, да ја прекинеме седницата и утре да гласаме“, рече Славески.

    Арсовска му одговори на Славески дека ако бил толку искусен, можел да каже како тоа да се направи и да не се блокира Градот, но очигледно намерата е друга.

    Потоа, ребалансот на буџетот беше ставен на гласање и усвоен со 24 гласови „за“. За него гласаа 16 советници на ВМРО-ДПМНЕ, 4 на Левица, тројца од ДУИ и еден советник од Алтернатива. Советниците од СДСМ, Зелен хуман град, ЛДП и двајцата независни советници кои ја напуштија коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за ребалансот, а советничката од Алијанса за Албанците беше „против“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира