Се сруши дел од стар и дотраен објект на паркингот кај старото седиште на некогашен ЈАТ во Битола. Рушевината потисна и комплетно оштети две возила кои беа паркирани таму. Оштетените сопственици ќе бараат обештетување.
„Полицијата ми се јави, рекоа ‘изронета е куќата и падна дел од ѕидот на вашето возило’. Полицијата направи записник. Колата веќе не се прави од што е оштетена. Ќе преземиме правни мерки”, рече битолчанецот Андреј Терзиевски.
„Ова е шок за нас. Го паркирате возилото исправно, а кога се враќате го наоѓате тотално уништено. Не е во ред. Треба начин да се најде да се обештети возилото“, рече Елеонора Терзиевска,
Од јавното претпријатие „Паркинзи“ велат дека ова не е јавен паркинг. Процедурата да биде дел од зонското паркирање е отпочната, Советот има донесено одлука, но се изработува документација и сè уште со него не стопанисува претпријатието.
Жителите од околните згради кажуваат дека објектот што се сруши е дел од поранешен хотел. Изминатите денови на објектот имало голем расцеп и велат дека прашање на време било кога ќе се сруши. Досега никој не презел мерки за негово рушење заради безбедност на минувачите и возилата. Објектот е таму веќе 30 години.
Паркирањето во Битола вчера со одлука на советниците од мнозинството поскапе, но на овој паркинг уште не се наплатува паркирањето. Пред неколку години таму беа отстранети времените објекти-гаражи. Тогаш се најави дека местото ќе се уреди и раззелени. Досега се ставени само бекатон плочки.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



