ВО БИТОЛА ПРИСТИГНА ОПРЕМАТА ЗА КИНОТО МАНАКИ, ВРЕДНА 64.215 ЕВРА

    ВО БИТОЛА ПРИСТИГНА ОПРЕМАТА ЗА КИНОТО МАНАКИ, ВРЕДНА 64.215 ЕВРАВо договорот со Грција предвидена е испорака на опремата, инсталацијата, обука на персонал кој ќе ракува со неа, како и постпродажна услуга за киноопремата. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола почна да пристигнува опремата за киното Манаки, набавена преку проектот „Кинокултура“ кој се реализира како дел од програмата Интерег ИПА за прекугранична соработка на нашата земја со Грција.

    Вредноста на опремата изнесува 64.215 евра, а се набавуваат проектор, проекционо платно, аудиоопрема, лап топ, кабелска инсталација и друго. Во договорот предвидена е испораката на опремата, инсталацијата, обука на персонал кој ќе ракува со неа, како и постпродажна услуга за киноопремата, која е адекватна за проекции во отворен и затворен простор.

    За ентериерно уредување на киното Манаки, обезбедени се и 7.616.554 денари преку Министерство за култура, за капитални инвестиции до единиците за локална самоуправа за 2019.

    „Иако, поради состојбата со коронавирусот проектните активности малку се пролонгираа, сепак истите се реализираат и комплетната опрема се набавува, согласно предвидените рокови. Со проектот ‘Кинокултура’, во истиот објект предвидено е ставање во функција на туристички информативен центар, за чие опремување наскоро ќе биде објавена тендерска постапка“, соопштија од Општина Битола.

    Киното почна да се гради за време на претходната власт, а градежните работи иако траеја четири години, објектот го оставија без техничка опрема. Сегашната локална власт одлучи објектот да не биде оставен неискористен и да пропаѓа, туку да го опреми и да биде ставен во функција.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира