ВО БОРОВАТА ШУМА ОКОЛУ ШТИПСКИОТ МАНАСТИР „СВ. НЕДЕЛА“ ИМА НАД 50 ДИВИ ДЕПОНИИ, ШТИПСКИТЕ КОМУНАЛЦИ НАЈАВИЈА СЕКОЈДНЕВНИ АКЦИИ НА ЧИСТЕЊЕ

    ВО БОРОВАТА ШУМА ОКОЛУ ШТИПСКИОТ МАНАСТИР „СВ. НЕДЕЛА“ ИМА НАД 50 ДИВИ ДЕПОНИИ, ШТИПСКИТЕ КОМУНАЛЦИ НАЈАВИЈА СЕКОЈДНЕВНИ АКЦИИ НА ЧИСТЕЊЕЗа полесно откривање на загадувачите, ќе бидат инсталирани камери на повеќе места и строго ќе ги спроведуваат казнените одредби (Фото: СДК.МК)

    На последната еко-генералка, што се спроведе минатиот викенд, штипските комунални служби и јавните комунални претпријатија констатираа дека за да се исчисти сиот отпад што неконтролирано се фрлал со години во околината на манастирот „Св. Недела“ (Мирјанина црква), потребни ќе бидат секојдневни чистења во наредните неколу месеци.

    „Од овој простор, со повеќе камиони во неколку наврати, во главната штипска депонија ‘Трештена скала‘ беа однесени стотина тони отпад, земја, градежен шут, кабаст и друг отпад, што секојдневно се фрлал во околината на манастирот и покрај патот што води кон потплачковичкото село Шашаварлија“, вели директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски.

    Според проценките на комуналните и шумските служби во Штип, во атарот на манастирот „Св. Недела“ се простира борова шума на педесетина хектари, засадена со работни акции уште во минатиот век. Но, денес, во сите делови од шумата има над 50 диви депонии.

    Среде шумата има купишта градежен, кабаст и секаков друг отпад. На секој чекор на шумските патчиња има ѓубре, искинати алишта,  искршен мебел и илјадници искинати кесиња, кои носени од ветерот, како лампиони се закачиле по боровите гранки.

    Среде шумата има купишта градежен, кабаст и секаков друг отпад (Фото: СДК.МК)

    Луѓе кои пешачат по асфалтираниот пат кон селото Шашаварлија велат дека глетката е страшна и прави повеќе на овие простори да не се доаѓа. Шумата и целата околина се крајно деградирани. И патот на излезот од градот е во катастрофална состојба. Редовно течат фекалии, а ѓубре исто така има во купишта.

    Надлежните комунални и инспекторски служби со кои разговаравме велат дека и покрај честите контроли, загадувачите успеваат незабележано да го фрлат отпадот. Според бројните купишта отпад, може да се заклучи дека отпадот се истоварал и од камиони или трактори.

    Јавните комунални претпријатија во Штип најавија дека тие и во наредните месеци ќе имаат генералки за отстранување на дивите депонии од овој предел. Комуналниот општински инспектор Борче Везенков најави дека контролите ќе се засилат, а за полесно откривање на загадувачите, ќе биле инсталирани камери на повеќе места и строго ќе ги спроведуваат казнените одредби, кои се движат од 300 евра за одговорно лице до 1.500 евра за правно лице.

    Т. ЈОВАНОВСКИ   

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира