ВО ДОЛНЕНИ ПРВ ЗАБОЛЕН ОД ЗАПAДНОНИЛСКА ТРЕСКА ВО ПЕЛАГОНИЈА, ЗАСЕГА САМО БИТОЛА СО ДОПОЛНИТЕЛНА ДЕЗИНСЕКЦИЈА

    ВО ДОЛНЕНИ ПРВ ЗАБОЛЕН ОД ЗАПAДНОНИЛСКА ТРЕСКА ВО ПЕЛАГОНИЈА, ЗАСЕГА САМО БИТОЛА СО ДОПОЛНИТЕЛНА ДЕЗИНСЕКЦИЈАОд адултицидната дезинсекција против комарци. (Фото: Општина Биотла)

    Првото лице заразено од западнонилска треска во Пелагонија е од општина Долнени. Во другите пелагониски општини досега не се евидентирани други заразени лица. Долнени е под надлежност на Центарот за јавно здравје во Прилеп.

    Од Општина Прилеп соопштија дека на 7 и 8 август е спроведенa втората фаза од адултицидната дезинсекција против комарци. Дезинсекцијата ја изврши Центарот за јавно здравје Скопје, додека стручен надзор над спроведувањето вршеше Центар за јавно здравје од Прилеп. Со активностите беа опфатени околу 800 хектари површина, односно сите урбани заедници во градот Прилеп и селата.

    Од пелагониските општини само Битола досега спроведува дополнителна дезинсекција против комарци, а во другите општини се одвива втората или трета фаза од планираните активности.

    Дополнителната дезинсекција во Битола почна денеска во соработка со Центарот за јавно здравје. Потребата за дополнителна, вонредна ларвицидна и адултицидна дезинсекција, произлегува од актуелната епидемиолошка состојба во земјата, односно прогласената епидемија на западнонилска треска на подрачјето на дел од Скопје, како и неопходноста од засилување на превентивните мерки за контрола на комарците како вектори на заболувањето.

    „Општината редовно ги спроведува превентивните мерки во континуитет од 2005 година. Се третира на критичните точки кои ги означува Центарот за јавно здравје и ова е една вонредна мерка во интерес на заштита и превенција од болестите кои ги пренесуваат комарците, меѓу кои и западнонилска треска“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

    Директорката на Центарот за јавно здравје, Светлана Поповска-Кљусева рече дека и граѓаните мора да придонесат во мерките за превенција.

    „Застоените води во дворовите мора да бидат исчистени, да се покријат бунарите, резервоарите, да се исчистат олуците. Исто така, важно е да се постават заштитни мрежи на вратите и прозорците, граѓаните лично можат да користат спрејови, гелови, стикови кои се прскаат на телото со цел да се одбијат комарците, да се избегнува излегување кога се комарците најактивни, навечер и во раните утрински часови, а кога се излегува во тој период да се носи облека со долги ракави и ногавици“, апелира Поповска-Кљусева.

    По првиот регистриран случај во Долнени, Љупчо Стојановски, магистер по инженерство на животна средина предупредува дека таа општина не е изолирана со непропустливи бариери, туку е директно поврзана со останатите пелагониски општини, меѓу кои и Битола преку густа сообраќајна мрежа, дневна фреквенција на луѓе, патнички возила, автобуси и земјоделска механизација.

    „Неопходна е институционална меѓуопштинска координација во Пелагонија бидејќи комарецот не ја знае границата меѓу Долнени, Прилеп и Битола, ниту здравствените превентивни мерки смеат да застанат таму. Јавното здравство мора да делува превентивно пред вирусот да стигне до клиничка фаза, оти кога случајот ќе биде објавен во билтенот на регистрирани пациенти, превенцијата за таа сезона е веќе задоцнета“ вели Стојановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира