ВО ГРАДСКИ ПАРК СИНОЌА НЕМАШЕ СВЕТЛО ПОРАДИ ВАНДАЛИЗАМ, НЕКОЈ НАМЕРНО ГИ ИСКЛУЧИЛ ОСИГУРУВАЧИТЕ, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕ

    ВО ГРАДСКИ ПАРК СИНОЌА НЕМАШЕ СВЕТЛО ПОРАДИ ВАНДАЛИЗАМ, НЕКОЈ НАМЕРНО ГИ ИСКЛУЧИЛ ОСИГУРУВАЧИТЕ, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕЕдинствено светло во паркот беше осветлувањето на бината за концертот на Дуке Бојаџиев организиран по повод Денот на Европа.(Фото: СДК.МК)

    Градскиот парк во Скопје вчера беше во мрак бидејќи некој ги скршил орманчињата за струја и ги исклучил осигурувачите, велат од Град Скопје.

    Синоќа во паркот не светеше ниту една светилка, патеките беа целосно во мрак. Единствено светло во паркот беше осветлувањето на бината за концертот на Дуке Бојаџиев организиран по повод Денот не Европа. Граѓаните мораа да одат во темница за да стасаат до езерцето каде се одржуваше концертот.

    Од Град Скопје објаснуваат дека не станува збор за дефект или штедење на струја туку бил извршен вандализам врз ормарите за уличното осветлување поради што дошло до прекин на електричната енергија во Градскиот парк.

    „По реакција од чуварските служби на Град Скопје дека во Градскиот парк вчеравечер немало улично осветлување, надлежните градски екипи веднаш излегоа на терен во увид и во рок од 15-тина минути го санираа проблемот. При увидот утврдено е дека непознати сторители насилно ги отвориле кутиите за електрична енергија кај Зоолошката градина и во близина на споменикот на Гоце Делчев, а осигурувачите биле исклучени. По истото е веднаш постапено и беше вклучена електричната енергија за осветлувањето на Градскиот парк“, велат од Град Скопје.

    Од Градот велат дека ги осудуваат ваквите дејствија и апелираат до граѓаните да не се врши насилно отворање на ормарите за електрична енергија, затоа што со тоа се доведува до опасност мрежата за електрична енергија и се загрозува безбедноста на посетителите на Градскиот парк.

    За случајот известено е Министерството за внатрешни работи и од Градот се надеваат на соодветно постапување од нивна страна.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира