ВО ИЗБОРНАТА 2025 ТЕНДЕРИТЕ НА ОПШТИНИТЕ СЕ СО ДВОЈНО ПОГОЛЕМА ВРЕДНОСТ ОД 2024, НА ВРВОТ Е ОПШТИНА ТЕТОВО СО 22,5 МИЛИОНИ ЕВРА

    ВО ИЗБОРНАТА 2025 ТЕНДЕРИТЕ НА ОПШТИНИТЕ СЕ СО ДВОЈНО ПОГОЛЕМА ВРЕДНОСТ ОД 2024, НА ВРВОТ Е ОПШТИНА ТЕТОВО СО 22,5 МИЛИОНИ ЕВРАГрад Скопје годинава е на 14-то место со вредност на тендерите од само 8,5 милиони евра. (Архивска фотографија)

    Градот Скопје и 80-те Општини во 2025 година склучиле вкупно 4.300 договори за јавни набавки во вредност од рекордни 21,9 милијарди денари, односно 356 милиони евра. Вредноста на општинските тендери во изборната 2025 година се зголемила речиси двојно во однос на 2024 и изнесувала колку во претходните две години заедно, покажува новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

    Најголема вредност на јавните набавки за 2025 година има Општина Тетово со 22,5 милиони евра. Следна е Општина Карпош со годишно зголемување од 9 милиони евра, па Општините Куманово и Гостивар со 7,4 односно 7,3 милиони евра. Најмали јавни набавки од безмалку половина милион евра има Старо Нагоричане. Тетово има и најголем годишен скок на вредноста на тендерите од дури 20 милиони евра, а најголем пад од 6 милиони евра има Струмица.

    Град Скопје веќе втора година по ред не е на првата позиција. Лани падна на шестото место, а годинава е на 14-то со вредност на тендерите од само 8,5 милиони евра. Најголема вредност на јавните набавки по жител има Чаир, по 2.381 евро, наспроти Центар Жупа, која има само по 12 евра по жител.

    Општините лани склучиле договори за јавни набавки со 1.185 фирми, но повеќе од една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми. На врвот според вкупната вредност на склучените договори е „Жикол“ од Струмица со вредност на договорите од милијарда денари, односно околу 16 милиони евра. На второ место во 2025 година е компанијата „Ленди груп“ Скопје со склучени 49 договори во вредност од околу 864 милиони денари, односно 14 милиони евра. Станува збор за договори склучени за изградба и реконструкција на улици. На трето место е „Стентон градба“ Битола. Со оваа фирма Општините склучиле вкупно 27 договори во вредност од околу 722 милиони денари или 11,7 милиони евра. „Стентон градба“ во 2025 година склучила договори со вкупно 10 Општини.

    Вредноста, пак, на јавните набавки на скопските Општини и Градот Скопје во 2025 изнесува 29 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје. Во 2025, Градот Скопје и 10-те скопски Општини потрошиле близу 105 милиони евра, што е за 47 милиони евра повеќе од претходната година. Ова сè уште е драстично помалку од 2021 година кога уделот на скопските Општини и Градот Скопје во вкупните општински набавки бил 45 %.

    Во 2025, просечно на јавни набавки по жител потрошени се рекордни 313 евра, што е за 182 евра или речиси два и пол пати повеќе од 2024 година, кога просекот изнесуваше 131 евра по жител. Најмногу јавни набавки по жител во 2025 година одделила Општина Чаир, дури 2.381 евро и за прв пат го презема водечкото место. На второ место е Општина Сарај, со 1.703 евра, а потоа следуваат општините Штип, Струга и Тетово, со 1.544, 1.355 и 1.273 евра по жител. Овие се петте општини кои издвоиле над 1.000 евра за жител од јавните набавки во 2025 година.

    Општините Чучер Сандево, Новаци, Дојран, Ресен и Карбинци издвојуваат од 550 и 750 евра за жител, средства потрошени преку јавни набавки. 56 општини одделуваат помеѓу 100 и 500 евра за жител, а само  15 општини во 2025 година одделиле помалку од 100 евра по жител. Најмалку пари за јавни набавки по жител потрошила Општина Центар Жупа и тоа само 12 евра за жител. Веднаш после неа е Градот Скопје со само 16 евра по жител. Две евра повеќе одделува Општина Чашка, а по неа следуваат Ранковце, Струмица и Росоман.

    Гледано во однос на консолидираните буџети на единиците на локалната самоуправа, произлегува дека, просечно, на јавни набавки во 2025 се потрошени највисоки досега 48 % од буџетите на Општините и на Градот Скопје. Дури 36 Општини имаат удели на вредноста на јавните набавки во реализираните буџети повисоки од 50 %. Ова најмногу се должи на парите кои локалните самоуправи ги добија од владата за инфраструктурни проекти преку т. н. Унгарски кредит. Треба да се има предвид дека овие се износи на склучени договори за јавни набавки и дека Општините имаат склучено и повеќегодишни договори за јавни набавки со што плаќањата на обврските од договорите за јавни набавки што се склучени во 2025 година ќе се финансираат од буџетите од наредната година. Поради тоа, јавните набавки во некои Општини имаат повисок удел во тековните буџети.

    Кај дури 21 Општина една фирма има удел во набавките на Општината повеќе од 50 %. Најмногу, дури 84 % удел на една фирма во вкупните општински набавки има Сарај. Веднаш после неа е Општина Теарце со 77 %, па Росоман, Центар Жупа и Радовиш со 67 %. Следни на листата се Општините Македонска Каменица, Зелениково, Пласница и Струга кои имаат удел на една фирма во вкупните општински набавки од 60-ина %. Кај половина од Општините, дури третина од спроведените јавни набавки во 2025 година ги реализирала само една фирма. Воочувањето концентрација на една фирма во јавните набавки на одделните Општини е и една од главните придобивки на оваа база на податоци за јавните набавки на Општините бидејќи овозможува јасен и визуелен приказ на состојбите. Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување, вели истражувањео на Центарот за граѓански комуникации .

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира