ВО КОВИДОТ ГО ВИКАВМЕ НАШИОТ ХЕРОЈ, А СЕГА СМЕ ВО ШОК ДЕКА 6 ГОДИНИ РАБОТЕЛ КАКО ЛЕКАР БЕЗ ДИПЛОМА, ВЕЛАТ ВЕВЧАНЦИ ЗА ВРАБОТЕНИОТ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ

    ВО КОВИДОТ ГО ВИКАВМЕ НАШИОТ ХЕРОЈ, А СЕГА СМЕ ВО ШОК ДЕКА 6 ГОДИНИ РАБОТЕЛ КАКО ЛЕКАР БЕЗ ДИПЛОМА, ВЕЛАТ ВЕВЧАНЦИ ЗА ВРАБОТЕНИОТ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ33-годишниот недипломиран лекар ги лекувал жителите од 2016, а фалсификуваната диплома од Факултетот за медицински науки во Штип му била од 2014. (Фото: СДК.МК)

    Лекарот од Вевчани, кој 6 години без диплома и завршен медицински факултет работел во Итната медицинска помош при Здравствениот дом, бил омилен и кај колегите и кај пациентите кои сега, како што велат, се во голем шок. 33-годишниот недипломиран лекар ги лекувал жителите од 2016, а фалсификуваната диплома од Факултетот за медицински науки во Штип му била од 2014. Лекарската комора при контрола преку системот открила дека не постои лиценца за работа со таков број и под тоа име, па веднаш алармирала по што тој бил пријавен во полиција.

    Директорот на Здравствениот дом Јован Стојкоски, во првата негова изјава за јавност вели дека лицето било примено на работа со комплетна документација и во регуларна постапка.

    „Вевчани има организирано здравство од 1936 година, а Здравствениот дом слави 60-годишна традиција. Изградивме реноме од генерации доктори и друг здравствен персонал. За да нема шпекулации и без детали во интерес на истрагата, можам да кажам дека по алармот на надлежната Комора ние како институција ги известивме надлежните органи да се провери веродостојноста на документацијата на лице кое кај нас е ангажирано, на почетокот со договор за дело, а покасно во регуларна постапка со комплетна документација е примен во работен однос како лекар“, вели директорот на Здравствениот дом каде во 60-годишното успешно опстојување ова е прв скандал.

    Стојкоски вели дека немало ниту една претставка за неговото работење од пациентите за направена лекарска грешка, ниту пак претставка од раководители за сторен дисциплински прекршок. Побарале надлежните да ја утврдат веродостојноста на документацијата приложена од лицето при неговото вработување.

    „Изминативе седум дена откако се известени органите, документацијата е обезбедена од страна на МВР по насоки на јавниот обвинител, а по насоки на министерот извршен е вонреден надзор од Санитарен и здравствен инспекторат како и контрола од Фондот за здравствено осигурување, што значи дека за многу кратко време институциите одговорија и ги извршија потребните увиди во однос на овај случај. Бидејќи во моментов трае истрагата, не можам да коментирам детали за истата. Можам само да кажам дека за нас сето ова, за мене како директор, за вработените, е голем шок. Вевчани е мало место, се работи за човечки судбини, но да оставиме на истрагата да каже што и како. Индивидуална е одговорноста во секој случај, не е колективна, почнувајќи од мене па до секој вработен. Здравствената установа е колектив кој функционира 24/7 365 дена во годината во интерес на граѓаните и да почекаме истрагата да го каже последниот збор“, вели Стојкоски.

    Изминативе шест дена надлежните ја чешлаа целата документација во ординацијата каде работел лекарот со спорна диплома. Основното јавно обвинителство за оформување на предметот сега бара проверка на документацијата од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, од каде потврдуваат дека лицето било запишано на Медицинскиот факултет во 2008-2009 година, а последен пат бил активен во 2014-2015 кога бил апсолвент, но Факултетот нема издадено ниту диплома, ниту уверение за тој студент.

    Од Секторот за внатрешни работи во Охрид велат дека се преземаат сите мерки по насока на надлежното Јавно обвинителство за расчистување на случајот.

    „По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

    Вевчанци велат дека често знаеле да го пофалат како добар и успешен лекар, но по скандалот се шокирани оти здравјето му го доверувале на лекар без диплома.

    „Немаше никаква поплака, беше секогаш љубезен, но тоа не му дава за право да лечи ако нема соодветно образование“, велат дел од жителите кои ги контактиравме, но сакаа да останат анонимни оти велат, живеат во мало место па секој со секого се знае. Раскажаа и дека недипломираниот лекар направил прослава за неговото дипломирање, а честитки за неговата диплома има и на социјалните мрежи.

    „За време на ковидот беше најангажиран, постојано беше во просторијата каде лежев јас, но и останатите пациенти. Го викавме нашиот херој. Носеше болни и тука и во Струга. Секогаш ангажиран, насмеан, полн со енергија. Не знам како можел да направи вакво нешто. Неговото семејство важи за скромно и чесно“, вели повозрасен жител на Вевчани.

    По откривањето, лекарот кој 6 години работел без диплома и лиценца за работа времено е суспендиран, а потоа сам побарал престанок на работниот однос.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира