Кандидатот за градоначалник на Куманово од коалицијата на ВМРО-ДПМЕ, Зоран Ѓорѓиевски му ја честиташе победата на неговиот противкандидат од СДСМ Максим Димитриевски. Тој на прес-конференција истакна дека ќе ја почитува вољата на граѓаните и порача новата локална власт да има чесен однос кон сите граѓани.
„Му честитам на победникот и на сите кои се чувствуваат себеси за победници и ги потсетувам дека Куманово е наш град, на сите нас и треба да имаат чесен однос кон сите граѓани, а тоа значи почит, толеранција и помагање на секој граѓанин. Сакам да се заблагодарам на сите граѓани, кои со својот глас на локалните избори донесоа одлука во каков град и во каква држава сакаат да живеат и јас таа одлука ќе ја почитувам. Не сакам да ги делам граѓаните на наши и нивни, бидејќи во своето живеење во овој град никогаш не сум ги делел“, изјави Ѓорѓиевски, кој е познат доктор хирург.
Тој се заблагодари на своите соработници и активисти на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за нивниот несебичен ангажман во кампањата, и изрази жалење што поголемиот дел од граѓаните не ја препознале неговата визија за поуредено Куманово.
Во Куманово, Димитриевски победи во првиот круг со освоени 26.289 гласа, наспроти Ѓорѓиевски кој доби 14.838 гласови.
И во Советот на општина Куманово, коалицијата на СДСМ ќе има мнозинство од 16 советника, ВМРО-ДПМНЕ 11, ДУИ 3, БЕСА 2 и Алијансата на Албанците 1.
С.НИКОЛИЌ