Во шеснаесет основни училишта во Општина Куманово во мај се запишани вкупно 923 ученици во прво одделение во учебната 2024/25 година. Врз основа на податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР) според евиденцијата на родените, годинава во прво одделение треба да тргнат 1.508 ученици кои се родени во 2018.
„Ова не е конечна бројка на запишани ученици, има родители кои уште не ги запишале децата, има родители кои се на привремена работа надвор од државата, а има и иселени цели семејства. Очекуваме уште деца до септември, бидејќи така беше и минатата година. Конечната бројка ќе ја знаеме во септември, и тогаш можеме да констатираме и да анализираме“, велат од Секторот за образование во Општина Куманово.
Најмалку првачиња, по 5, се запишале во основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Вера Которка“ во селото Клечовце, а најмногу 134 во ОУ „Кочо Рацин“ во населбата „Гоце Делчев“, кои ќе се распоредат во 9 паралелки.
„Во основните училишта ‘Браќа Миладиновци’ се запишани 119 ученика во 7 паралелки, во ‘Наим Фрашери’ 116 во 6, во ‘Крсте Мисирков’ 103 во 5, во ‘Христијан Карпош’ 93 во 7, во ‘Бајрам Шабани’ 86 во 6, во ‘Магдалена Антова’ 70 во 3, во ’11 Октомври’ 44 во 4, во ‘Јероним Де Рада’ 40 во 4, во ‘Толи Зордумис’ 35 во 5, во ‘Кирил и Методиј’ во село Романовце 27 во 4, исто толку и во ‘Битолски конгрес’ во селото Лопате 27 во 3, ‘Браќа Рибар’ во село Табановце 10 во 4 и во ‘Карпош’ во селото Умин Дол 9 ученици во 2 паралелки“, соопшти Општина Куманово.
Според сегашните бројки ќе има одделенија од две до најмногу дваесетина првачиња.
Оваа година се запишани 124 првачиња помалку во однос на минатата година кога биле запишани 1.047.
Во 2017 имало родени 1.097 деца, а запишани се 1.047 првачиња, 50 помалку од предвиденото.
С. НИКОЛИЌ