ВО КУМАНОВО ВОЗДУХОТ АЛАРМАНТНО ЗАГАДЕН, А УШТЕ НЕ ПОЧНАЛА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА, ОПШТИНАТА ДОПРВА ЌЕ ОТКРИВА КОЈ ЗАГАДУВА

    ВО КУМАНОВО ВОЗДУХОТ АЛАРМАНТНО ЗАГАДЕН, А УШТЕ НЕ ПОЧНАЛА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА, ОПШТИНАТА ДОПРВА ЌЕ ОТКРИВА КОЈ ЗАГАДУВАОпштина Куманово најавуува дека наредните денови ќе ги зголемат контролите на терен за да ги откријат загадувачите, а ќе се започне и со процесот на аеросолизација или прскање на улиците заради намалување на загаденоста. (Фото: Фејсбук група Сакаме Куманово да дише)

    Иако уште не е почната грејната сезона, граѓаните на Куманово последните десетина дена се гушат во загаден воздух. Мерната станица со денови покажува многу висока загаденост, а синоќа во 18 часот, загаденоста изнесуваше 1.851 микрограми ПМ10 честички на кубен метар воздух.

    Како причина за големата загаденост на воздухот граѓаните ги обвинуваат несовесните сограѓани кои неконтролирано палат отпад и пластика на отворено, користењето на мазут, како и прекумерната употреба на автомобили во централното градско подрачје. Бараат од локалната власт под итно да ги санкционира прекршувачите на законот и да воведе мерки за намалување на загаденоста.

    „Секојдневно се палат гуми, пластика и кабли на секои 20 метри, почнувајќи од Спомен Костурница, па се’ до Проевце, и на локацијата спроти „Мај маркет“. Поради тоа што е сушен период и нема ветер, веќе некое време има многу прашина во воздухот, особено на влезот во градот каде што се изведуваат градежни работи. Сетоа тоа придонесува градот да се гуши. Општината мора да превземе мерки не само со казнување на луѓето кои го палат отпадот, туку и да го реши проблемот со мазутот на кој се` уште се греат повеќе институции, да ги мие улиците, да ги спроведе мерките што минатата зима ги донесе“, револтирани се кумановци.

    Од Општина Куманово велат дека причината за големата згаденост е поради користење на несоодветни енергенси за затоплување во домаќинствата, што тие не можат да го контролираат, на затоплувањето со мазут, како што е случајот со Општата болница која е најголем загадувач во градот.

    „Од пред неколку дена по 17 часот ставена е во функција котларата на мазут на болницата и од тогаш започнаа енормните вредности на загаденост. Сериозен загадувач е и палењето на дивите депонии и смет од дворовите на домаќинствата во попладневните часови, по работното време на инспекциските служби“, велат од Општината.

    Тие најавуваат дека наредните денови ќе ги зголемат контролите на терен за да ги откријат загадувачите, а ќе се започне и со процесот на аеросолизација или прскање на улиците заради намалување на загаденоста.

    Од Министерството за животна средина и просторно планирање вчера потврдија дека во последните три дена во Куманово воздухот е многу загаден, поради што препорачуваат мерки и ограничено движење на најранливата популација.

    „Прагот на информирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, надминување на вредноста од 100 мg/m30, во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, ве информираме дека истиот е надминат на мерното место Куманово. Завчера на 23.10., вредноста изнесувала 120.48 мг/м3, а вчера на 24.10. била 129.56 мг/м3, – соопштуваат од Одделението за мониторинг на квалиетеот на воздух, Сектор македонски информативен центар за животна средина.

    Во случај на надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10, 2 последователни дена со среднодневни концентрации над 100 µg/m3 се препорачува: да се користи јавен превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал и правилно да се користат печките за дрва.

    Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари