ВО КУМАНОВО ЗАСТРЕЛАН Д-Р ЗЕКИРИЈА ШАИНИ, НОСИТЕЛ НА ИЗБОРНАТА ЛИСТА НА ДУИ ВО ЛИПКОВО

    ВО КУМАНОВО ЗАСТРЕЛАН Д-Р ЗЕКИРИЈА ШАИНИ, НОСИТЕЛ НА ИЗБОРНАТА ЛИСТА НА ДУИ ВО ЛИПКОВОПовреден e д-р Зекирија Шаини, кој е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково. (Фото: СДК.МК)

    Две лица денеска околу 14 часот пукале и раниле едно лице во центарот на Куманово. Според Коалицијата „Вреди“, која го осуди нападот, повреден е д-р Зекирија Шаини, кој е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Општина Липково на претстојните Локални избори. Тој е пренесен на лекување на Скопските клиники.

    Според полицијата, повредениот се возел со „голф“, а во него пукале две лица кои се движеле по улицата. Инцидентот се случил на раскрсницата пред Општина Куманово, на 50-тина метри од кумановската полициска станица.

    „Во 13.54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од улица Димитрије Туцовиќ со улица 11 Октомври во Куманово, две лица лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило ‘фолксваген голф’, управувано од З. Ш. (43) од с. Слупчане, Општина Липково, кој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош. Полициски службеници излегоа на местото и се работи на расчистување на случајот“, соопшти Кумановската полиција.

    Од Основното јавно обвинтелство (ОЈО) во Куманово велат дека двајца јавни обвинители од излегле на лице место и вршат увид на лице место.

    „Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, соопшти ОЈО Куманово.

    Министерството за здравство соопшти дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.

    „Ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација. Министерството категорично осудува било какво насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет.Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти. Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот“, вели Министерството.

    Очевидци, кои работат во Општина Куманово велат дека одеднаш слушнале 5-6 истрели од огнено оружје, а кога погледнале надвор виделе неколку лица како бегаат и полицајци кои трчаат по нив. Настанала пискотница на улицата, а ранетиот човек лежел на улица.

    ДУИ соопшти дека во знак на солидарност со повредениот, партијата одлучила да ги прекине сите денешни активности. ДУИ бара од институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот.

    „Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега. Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, соопштија од ДУИ.

    Од Колаицијата „Вреди“ најостро ја осудудија секоја форма на насилство и апелираа за „смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот“.

    „Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела што го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин, и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, соопшти „Вреди“.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира