По 33 години во депонијата Мегленци во Битола се купи машина, поточно булдожер за насипување на отпадот со цел да се намалат можностите од појава на пожари. Останатата механизација е стара по три децении. Директорот Панде Богоевски вели дека Јавното претпријатие „Комуналец“ не е толку богато за да може да постави 30 стражари на депонија за да го контролираат влегувањето на свињите и други собирачи на отпад.
„Депонија Мегленци во Битолско е на површина од шест хектари и е тешко проодна, па не ќе може да се одбрани макар и со десет стражари. Ако се стават во смени тоа би било 30 стражари, а Јавното претпријатие ‘Комуналец’ не е толку богато да постави толку голем број стражари“, рече директорот Панде Богоевски на предлозите на битолски советници да се вработат повеќе чувари за да се стави крај на влегувањето свињи и диви собирачи на депонијата.
САКАМДАКАЖАМ.МК пред два месеца објави фотографии од десетици свињи како јадат на депонијата, а околу имаше и собирачи на пластика.
Директорот Богоевски вели дека ќе се размисли околу предлогот на советниците за ставање на 24 часовен мониторинг, но се прашува дали тоа ќе даде ефект.
„Ако има ефект во ред, но ако само ги гледаме на екран тоа и онака нашиот стражар тоа го забележува и преку одговорниот во депонија постапуваме понатаму“, вели директорот.
Тој додава дека скоро цела депонија е заградена освен делот од каде што црпат земја за насипување. Имало и некои кози патеки од каде се претпоставува дека доаѓале свињи. Во иднина планираат ваквите упади да ги пријавуваат почесто во МВР.
„Дури има редовно вработени работници во редовна смена нема свињи, ни диви собирачи. Но, од друга страна тоа никој не може да го исконтролира. Нашата обврска е таква ситуација да пријавиме во МВР. Што понатаму се случува, треба тие да се прашаат, иако јас и мојот тим решивме да бидиме што поагресивни и почесто да се пријавуваат“, рече Богоевски.
Во Мегленци сметот го депонираат општините Битола, Новаци, Могила, а во последно време и Кичево бидејќи има проблем со сопствената депонија. Надлежните велат дека кога некоја општина има проблем со депонијата, законски е да ѝ се овозможи отпадот да го депонира во соседната.
Ж. ЗДРАВКОВСКА