Општина Центар во јули ќе стартува со изградба на градинка во населба Пролет. На местото каде што со претходниот план се предвидуваше изградба на деловен објект, со измените сега е нацртана маркичка за градинка. Како што кажа градоначалникот Саша Богдановиќ во оваа населба досега немало градинка и со овој проект ќе се реши проблемот на жителите.
Според проектот градинката ќе има подрумски простор, приземје и 1 кат, со вкупна нето површина од 2.760 метри квадратни и најголема бруто површина за детска градинка во државата, од 3.276 метри квадратни, односно по 21 метар квадратен по дете.
„Капацитетот на градинката предвидува згрижување на 150 деца, распоредени во 9 занимални. Предвидена е урбана градина со сандаци со песок и земја, детски реквизити. Надворешното игралиште е инклузивно и до него можат да пристапат и деца со попреченост во движење. На надворешниот дел од фасадата предвидено е фасадно поставување на детска болдер карпа“, изјави на денешната презентација на проектот градоначалникот Саша Богдановиќ.
Изградбата на градинката ќе чини околу 2 милиони евра обезбедени од буџетот од Општина Центар.
А. АНТЕВСКА