ВО ОХРИД И СТРУГА МАСОВНО СЕ ГРАДИ, КОВАЧЕВСКИ ВЕЛИ ИНСПЕКЦИСКИТЕ СЛУЖБИ ДА ИЗЛЕЗАТ НА ТЕРЕН, А НЕ ДА ПИЈАТ КАФИЊА ПО КАНЦЕЛАРИИ

    ВО ОХРИД И СТРУГА МАСОВНО СЕ ГРАДИ, КОВАЧЕВСКИ ВЕЛИ ИНСПЕКЦИСКИТЕ СЛУЖБИ ДА ИЗЛЕЗАТ НА ТЕРЕН, А НЕ ДА ПИЈАТ КАФИЊА ПО КАНЦЕЛАРИИСпоред анализите на Фронт 21/42, вкупен број дозволи за градба во Охрид и Струга е 213 и нови 580 изградени станови. (Фото:СДК.МК)

    Невладините организации алармираат за неспроведувањето на препораките на УНЕСКО, и дека ако државата продолжи со овој третман и меѓународната заедница не се вклучи поактивно во заштитата, Охридскиот Регион ќе го изгуби статусот Светско природно и културно наследство.

    „Интензивната урбанизација на крајбрежието на Охридското Езеро не запира“, велат од Фронт 21/42. Според нивните анализи, од август 2021 до денес има 53 нови урбанизации во Охрид и Струга. Вкупен број дозволи за градба во двата градови е 213 и нови 580 изградени станови.

    Премиерот Димитар Ковачевски, кој викендов беше во посета на Охридско-Струшкиот Регион, вели дека владата го дава максимумот, но институциите мора да работат поажурно.

    „Јас во рамките на моите надлежности заедно со колегите кои работат го даваме својот максимум, но ова е обврска на сите кои што имаат одговорност за управувањето и владините институции, но и локалните самоуправи на Охрид, Струга и Дебрца“, рече Ковачевски.

    Премиерот смета дека Струга нема поинаков третман од Охрид, без оглед што таму не се преземаат никакви активности за заштита на културното и природното наследство. Ковачевски ги повика инспекциските служби да делуваат на терен.

    „Постојат инспекциски органи и други институции кои што тоа треба да санкционираат. Тие треба да бидат ефикасни, да не седат по канцеларии и по цел ден да пијат кафиња, туку да излезат на терен и да си ја вршат својата работа“, додаде Ковачевски.

    Граѓанските активистите очекуваат негативен извештај од УНЕСКО на 1 февруари, оти според нив, нема напредок во спроведувањето на препораките, автентичноста на градот е нарушена, а бројот на дивоградби на самиот брег на езерото наместо да се намалува и натаму расте.

    „Во Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион како светско културно и природно наследство има само мерки на хартија, а во пракса не е преземено ништо“, велат активистите.

    Во последниот извештај, меѓу другото беше побарано отстранување на дивопоставените објекти долж езерото и во заштитеното подрачје во стариот дел од градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство, заштите на архитектурата и отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира