ВО ПОРАСТ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО ВЕЛЕШКО, ЛАНИ ИМАЛО ЕДНО УБИСТВО И ДВА ОБИДА ЗА УБИСТВО

    ВО ПОРАСТ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО ВЕЛЕШКО, ЛАНИ ИМАЛО ЕДНО УБИСТВО И ДВА ОБИДА ЗА УБИСТВООд 121 пријава за семејно насилство во Велес и околината, 98 биле од жени и 23 од мажи. (Фото: СДК.МК)

    Семејното насилство во велешко континуирано се зголемува, а бројот на жртви на семејно насилство расте, покажуваат податоците на надлежните институции во Велес. Во анализата на Организацијата на жени од Велес за 2020, 2021 и шест од оваа година, според Центарот за социјални работи Велес (МЦСР), имало 121 пријава за семејно насилство. Полицијата соопштила дека се случило едно убиство при семејно насилство и два обида за убиство.

    „Факт е дека и покрај тоа што свесноста на жртвите е зголемена и сѐ повеќе се охрабруваат да пријават семејно насилство и побараат соодветна стручна помош, помошта која можат да ја добијат од надлежните институции е ограничена, најмногу поради недоволните ресурси со кои располагаат“, вели Лидија Пљакова, координаторка на проектот.

    Од добиените податоци на МЦСР, од 121 пријава за семејно насилство 98 биле од жени и 23 од мажи. Во однос на возраста осум биле деца до 18 години, а сите други над таа возрасна група. По националност 89 случаи биел пријавени до Македонци, 15 од Роми, 9 од Албанци и 8 од Бошњаци. Од податоците на СВР Велес во 2021 има едно убиство сторно при семејно насилство, два обида за убиство истата година и за 30 месеци има вкупно 7 тешки телесни повреди добиени во вакви случаи.

    Организацијата за жени од Велес има канцеларија сервис за психосоцијална поддршка каде жртвите на семејно насилство може да побараат стручна помош. Таму има ангажирано психолог и правник-адвокат.

    „Состојбата со семејното насилство во општината е алармантна. Жртвите конечно се охрабрени и барат правна помош. Во нашиот сервис се обраќаат жени и деца како секундарни жртви. Во однос на правната помош тоа се кривични постапки, за поднесување кривични пријави за семејно насилство, за неплаќање издршка на малолетно дете, како и за бракоразводни парници. Има бројни случаи кога жртвите почнале кривична постапка против сторителот, но поради страв или некоја друга причина се повлекуваат. Работиме да им дадеме емоционална поддршка на жртвите, да истраат во нивното барање правда“, рече адвокат Билјана Ангелова-Смилева.

    Овој сервис работи со жените од Велес, но и соседните општини Градско, Лозово и Чашка.

    Во Велес има шелтер центар за жртви од семејно насилство, кој е на тајна локација. Во него се сместуваат жртви не само од Велес, туку и од Кавадарци, Неготино. Од Организацијата на жени реагираат дека тој е премал според бројот на жители во регионот и стандардите.

    Од анализата за семејното насилство во велешко, Организацијата на жени констатира дека има Советувалиште за жртви на семејно насилство, кое работи во рамките на Центарот за социјални работи, но има ограничени просторни и човечки ресурси. Имаат и забелешка дека во Велес, но и во рамките на Вардарскиот Регион, нема кризен центар за жртви од семејно насилство и силување.

    Општина Велес во рамките на нејзината програма за помош на жртвите на семејно насилство во 2020 исплатила 50.000 денари парична помош на 20 лица, лани 48.000 денари за 8 лица, а годинава за половина година немала испатено ниту денар, иако имало обезбедено 50.000 денари .

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира