Во големиот пожар што избувна ноќеска во кој изгореа бараките на ЈП „Улици и патишта“ во Скопје, изгоре и автомобилот на јавниот обвинител Гаврил Бубевски. Како што неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, колата на поранешниот специјален обвинител била опожарена како колатерална штета, откако експлодирала таа до него.
МВР само соопшти иницијали на сопствениците на опожарените коли. Оттаму нема детали, бидејќи како што вели службата за односи со јавност, увидот на местото сè уште не е извршен.
Утринава се уште се гасеше пожарот, увидот ќе следи кога тој целосно ќе биде смирен.
„На 22.12.2021 околу 01.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улица Стефан Јакимов Дедов настанал пожар во патничко возило ‘нисан’, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Н. Л. (38) од Скопје. Од пожарот делумно било зафатено и патничко возило ‘шкода’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Г. Б. (45) од Скопје и бараките на ЈП ‘Улици и патишта’ кои биле целосно опожарени. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил локализиран, а повредени лица нема. Увид ќе се врши во текот на денот”, е техничката информација која ја соопшти МВР утринава.
С. К. ДЕЛЕВСКА