Топлото време викендов привлече туристи во Преспа. На плажите во Претор уживаа повеќе семејства, а во езерските води се разладуваа и првите капачи. Гости има иако се наместени само неколку лежалки, односно средувањето на плажите допрва ќе следува.
„Не е рано ако гледаме на сезоната како Скандинавците, тие од први јуни штом видат сонце и температура до 20 степени изгледуваат крај базените, а ние чекаме 30 степени и потоа се жалиме дека сезоната била кратка, но научени сме на потопло. Во Претор доаѓам за викенд. Во моментов уште не се поставени лежалките, но очекувам дека и годинава Преспа ќе биде полна со гости како и лани“, вели битолчанецот Трајан Трајчевски.
Од Општина Ресен најавија дека започна акција за средување на плажите што ќе значи и создавање пристап до водата на местата каде има поголемо повлекување на Езерото.
Ж. ЗДРАВКОВСКА