ВО РЕСЕН ОТВОРЕН ВТОРИОТ УЧИЛИШЕН ТОАЛЕТ ЗА МЕНСТРУАЛНА ХИГИЕНА ВО МАКЕДОНИЈА

    ВО РЕСЕН ОТВОРЕН ВТОРИОТ УЧИЛИШЕН ТОАЛЕТ ЗА МЕНСТРУАЛНА ХИГИЕНА ВО МАКЕДОНИЈАОсновното училиште „Гоце Делчев“ доби тоалет за управување со менструална хигиена преку проект на здружението Новинари за човекови права и Амбасадата на Велика Британија. (Фото: СДК.МК)

    Тоалетите во голем дел од школите во државава не се прилагодени за да можат девојчињата да ја одржат потребната хигиена за време на менструалниот циклус, а некои немаат ни доволно средства за да купат влошки, па се случува за време на менструација да отуствуваат од настава. Поради ова, во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Ресен се адаптира тоалет за управување со менструална хигиена преку проект на здружението Новинари за човекови права и Амбасадата на Велика Британија во Македонија. Ова е втор ваков адаптиран тоалет во земјава, првиот беше поставен во ОУ „Андреј Савески Кикиш“ во Тетово.

    „Нашето истражување покажа дека 90 до 95 проценти од девојчињата во руралните средини и 70 проценти од девојчињата во урбани средини не одат на училиште по една недела зашто немаат услови за управување со менструалната хигиена, нема соодветни тоалети или има тоалети, но немаат врата, нема вода и друго. Од друга страна, дел од девојчињата не можат да купат влошки, многу се скапи. Во едно семејство каде што има четири до пет жени, а имаат еден приход и тоа минимален треба да изводјат 15 до 17 проценти од примањата за тоа. Тоа никој нема да го направи туку ќе користат хартии или нема да одат на училиште. Тоа се индикаторите за менструална сиромаштија“, рече Наташа Дуковска, програмски директор на Новинари за човекови права.

    Адаптариниот тоалет во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Ресен. (Фото: СДК.МК)

    Во тоалетот за управување со менструална хигиена покрај веце шолјата, поставено е и лабаво со вода, има две канти, едната за тоалетна хартија, а другата за санитарните производи и секако, сапун и хартија. За следните три месеци во ресенското училиште обезбедени се пакувања влошки за девојчињата кои класните раководители ќе им ги поделат и тоа спакувани во хартиена кеса за да се избегне ситуација некој да се засрами. Формиран е и Фонд за искоренување на менструалната сиромаштија, па се апелира до фирмите да издвојат еден процент од нивиот годишен приход кој ќе се намени за набавка на влошки за ученички.

    Воедно, се очекува и ДДВ-то за хигиенските производи за време на менструален циклус да се намали од 18 на 5 проценти, зашто влошките не се луксуз.

    „Дел од девојчињата не можат да купат влошки, многу се скапи. Во едно семејство каде што има четири до пет жени, а имаат еден приход и тоа минимален треба да изводијат 15 до 17 проценти од примањата за тоа“, вели Наташа Дуковска. (Фото: СДК.МК)

    Во училиштата во Велика Британија веќе се обезбедуваат бесплатно влошки за сите девојчиња, а иницијатива ја покренала ученичка.

    „Во Велика Британија почнаа да се доделуваат бесплатни менструални продукти за секое девојче. Тоа не е владина иницијатива, туку иницијатива на тинејџерка од Британија. Тоа може да се направи и тука во Македонија, не кажуваме дека е процес што може да се случи во една вечер, но може да се истурка со помош на невладините организации и да се дојде до тоа секое девојче да добива бесплатни менструални продукти на почетокот од месецот, тоа е основно човеково право“, рече Ричард Милион, програмски директор во Амбасадата на Велика Британија во Скопје.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира