ВО ТЕТОВСКО УЧИЛИШТЕ ПРОМОВИРАН ПРВИОТ ТОАЛЕТ ЗА МЕНСТРУАЛНА ХИГИЕНА ВО ЗЕМЈАВА

    ВО ТЕТОВСКО УЧИЛИШТЕ ПРОМОВИРАН ПРВИОТ ТОАЛЕТ ЗА МЕНСТРУАЛНА ХИГИЕНА ВО ЗЕМЈАВАПрвиот тоалет адаптиран за менструална хигиена беше отворен денеска во ОУ „Андреја Савески Кикиш“ во Тетово, со поддршка на здружението Новинари за човекови права и Британската амбасада во државава (Фото: СДК.МК)

    Деведесет отсто од ученичките во руралните средини во земјава се отсутни од училиште 4 до 5 дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, додека 75 % од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена во текот на месецот поради истите причини. Најчеста причина за ова се несоодветните услови за управување со менструалната хигиена во училиштата. Поради ова, тимот на здружението Новинари за човекови права со подршка на амбасадата на Велика Британија адаптираа два училишни тоалети за одржување на менструалната хигиена. Првиот е отворен денеска во ОУ „Андреја Савески Кикиш“ во Тетово ,а вториот ќе се отвори во училиште во Ресен.

    „Ова е прв тоалет за ваква намена во Македонија. Ние не градиме нови тоалети, ние ги адаптираме постоечките тоалети според стандардите за управување со менструалната хигиена. При тоа најважно е во тоалетната кабина да се има пристап до вода за да можат девојчињата да ја одржуваат хигиената, да има две канти за смет, една за хартијата, а втората за влошките. Исто така има и хартија за бришење на рацете. Би сакале оваа наша акција да ја продолжи и државата за секое девојче вклучено во образовниот систем да добива бесплатен пакет за управување со менструалната хигиена. Треба во секое училиште да има едно вакво катче кое ќе ги има овие сетови за управување со менструалната хигиена и тој пакет треба да си го добие секое девојче од први до петти во месецот од класниот раководител. На тој начин го враќаме достоинството и самодовербата на девојчињата,  изјави Наташа Доковска, координаторка на проектот.

    На активноста присуствуваше и амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј која е поддржувач на проектот „Да ја искорениме менструалната сиромаштија“.

    „Не смее да има ситуации кога девојчињата немаат пристап до тоалет и средства за хигиена и да се срамат да побараат или да изостануваат од училиште поради тоа. Во Британија статистиката исто така не е добра, па 50 отсто од девојчињата не одат на училиште кога имаат менструален циклус“, додаде амбасадорката Галовеј.

    Според професорот Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје, ако девојчињата имаат безбедни продукти за одржување на менструалната хигиена, ако практикуваат добри хигиенски навики, ќе имаат побезбедно здравје.

    „Ова е многу значајна активност. Нашата држава е многу напред во овие активности за разлика од многу држави во Европа. Нешто околу ова се работи во Велика Британија и ние го следиме тој позитивен пример. Затоа препознаени сме во Светска здравствена организација како како светол пример во Европа за оваа активност“, вели д-р Кочубовски.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира