ВО СКОПЈЕ СНЕМУВА ВОДА ОТИ ОПШТИНИТЕ ДАВААТ ДОЗВОЛИ ЗА ЗГРАДИ, А НЕ ПРАВАТ ВОДОВОДНА МРЕЖА, ВЕЛАТ ИНЖЕНЕРИ ВО „ВОДОВОД“

    ВО СКОПЈЕ СНЕМУВА ВОДА ОТИ ОПШТИНИТЕ ДАВААТ ДОЗВОЛИ ЗА ЗГРАДИ, А НЕ ПРАВАТ ВОДОВОДНА МРЕЖА, ВЕЛАТ ИНЖЕНЕРИ ВО „ВОДОВОД“Имаме нови згради и надградба на згради изградено, од 2, на 4, на 6, на 8 ката. А да се навратиме наназад, дали имаме нова пумпна станица? Дали имаме нов резервоар со зголемен капацитет?, вели Дејан Димовски кој работи на електромашинско одржување и техничко следење и мониторингна потрошувачката на вода во ЈП „Водовод и канализација“. (Фото: СДК.МК)

    Во Скопје снемува вода бидејќи Општините даваат дозволи за згради, на секој чекор никнуваат висококатници кои се приклучуваат на старата водоводна мрежа, а градоначалниците не прават нова, велат инженери кои над 20 години работат во ЈП „Водовод и канализација“.  Тие велат дека од изворот „Рашче“ може да се добие 3.000 литри вода секунда, а во Скопје летно време се троши повеќе.

    Изминатиов месец, во голем број населби низ Скопје нема вода или притисокот е многу слаб. Жителите на повисоките зони како што е населбата Водно со денови немаат капка вода, или им стигнува со намален притисок после полноќ, а наутро пак снемува. Велат дека живеат како во камено доба.

    Без вода од вчера е и детската болница „Козле“.

    Инженерот Дејан Димовски, кој работи на електромашинско одржување и техничко следење и мониторинг на потрошувачката на вода во ЈП „Водовод и канализација“, вели дека во моментов потрошувачката на вода во Град Скопје е 350.000 метри кубни на дневно ниво. Таква потрошувачка на вода во Град Скопје во изминатите години немало. Основата на водоснабдувањето на Град Скопје е изворот „Рашче и двете бунарски подрачја, Лепенец и Нерези.

    Моментално од Рашче добиваме околу 3.000 литри во секунда и повеќе не може, затоа што каптираната вода во Рашче е на висинско ниво под 70 сантиметри и тоа е природен извор. Ние за напорите кои технички ги правиме за да ги задоволиме потребите за питка вода на Скопје, го форсираме максимално изворот. Од друга страна, сите можни бунари, во двете бунарски подрачја, а тоа се пет бунари, дополнуваат 1.000 литри во секунда. Во моментов додека седиме овде, Скопје троши 4.000 литри во секунда и во одредени делови на градот, верувам дека има намален притисок. Водовод и канализацијапо своите ингеренции потребно е да даде вода онолку колку што технички системот овозможува“, рече Димовски на вчерашната седница на Советот на Град Скопје, на која се дискутираше за проблемот со водоснабдувањето во градот.

    Тој вели дека ивестирањето во нови водоснабдителни системи и подобрувањето на водоводната мрежа се инвестиција на самите Општини и кога издаваат дозволи за градби треба да прават и проекти за водоводна мрежа за сите тие нови станбени единици.

    Генерирањето Детални урбанистички планови не значи само проширување и урбанизација на градот, изградба на нови населби, изградба на нови згради, изградба на нови индустриски зони. Тоа да, но претходно ќе треба да финансираме и во водоснабдителната и во канализационата инфраструктура. Тоа не го прави „Водовод“. Било кој систем технички што одредена општина во Град Скопје ќе го направи согласно стандардите за водоснабдување, ЈП „Водовод“ го прима како дел од системот и со наплатата на вода го одржува. Имаме нови згради и надградба на згради изградено, од 2, на 4, на 6, на 8 ката. А да се навратиме наназад, дали имаме нова пумпна станица? Дали имаме нов резервоар со зголемен капацитет? Урбанистички е зголемен бројот на станбени единици, зголемен бројот на население и ние мораме еднаш засекогаш да сфатиме дека технички урбанизацијата покрај тоа што подразбира урбанизација на самиот град, бара и технички следење на системите за водоснабдување“, додава Димовски.

    Тој вели дека досега веќе требало да се разговара и да се разгледуваат и испитуваат можности за алтернативен извор за водоснабдување на Град Скопје, како на пример Врело или Патишка Река.

    Јас тврдам ако нема енормна потрошувачка на вода, особено во попладневните часови, Скопје ќе има стабилен притисок. Да ви дадам еден пример, од држење на одредено стабилно ниво на притисок преку ден, одеднаш од 21 до 21.15 часот побарувањето за питка вода во Град Скопје се зголеми за 30 отсто, а количината на вода за пиење којашто ние ја добивавме од Рашче беше буквално еднаква. Мораме да размислуваме за Скопје, за испитување на дополнителни бунарски подрачја, мораме да размислува и технички, дека форсирањето на природниот извор Рашче и форсирањето на природните бунарски подрачја, не би сакал ни да помислам, ако направи депресија. Таму Рашче кадешто е каптиран, ако цело време го форсираме во доволно долг временски период, можеме самите да го доведеме во ситуација да изворот најде земјен, било каков пат на некое друго место“, рече Димовски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира