ВО СТРУГА ЌЕ СЕ СТУДИРА МЕДИЦИНА, УНИВЕРЗИТЕТОТ НА МЕРКО ДОБИ ДОЗВОЛА ОД МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИ

    ВО СТРУГА ЌЕ СЕ СТУДИРА МЕДИЦИНА, УНИВЕРЗИТЕТОТ НА МЕРКО ДОБИ ДОЗВОЛА ОД МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИМинистерството за образование и наука утврдило дека се исполнети условите за почеток со работа на Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот Универзитет во Cтругa на градоначалникот Мерко. (Фото: СДК.МК)

    Меѓународниот универзитет во Струга, зад кој стои струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, добива нова образовна гранка, Факултет за здравствени науки. Вакво решение донесе министерот за образование и наука во заминување е Јетон Шаќири, кој по потекло исто така е од Струга и е сопартиец со Мерко во ДУИ.

    Идните студенти ќе може да ги изучуваат медицинските науки во оваа приватна високообразовна установа која располага и со Факултет за економски науки, Правен факултет, Факултет за информатички технологии и Факултет за политички науки.

    Министерството за образование и наука утврдило дека се исполнети условите за почеток со работа на Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот Универзитет во Cтруга. Позитивно мислење дале Агенцијата за квалитет на високо образовани и Одборот за акредитација.

    Според решението потпишано од министерот Шаќири, Факултетот за здравствени науки имал одобрение и решение за основање од Одборот за акредитација на високото образование, заверено и добиено од претседателот на Одборот на 7 јуни годинава. Претседател на Одборот за акредитација од април годинава е проф. Марјан Ѓуровски.

    Врз основа на тоа, МОН на 7 јуни формирало Комисија за утврдување на исполнетоста на условите за почеток со работа на Факултетот за здравстени науки која на 10 јуни извршила увид. На 11 јуни изготвила извештај во кој се констатира дека овој факултет ги исполнува условите согласно одредбите утврдени со Законот а високо образовани и со Правiлникот со нормативите и стандардите за основање високообразовни установи и вршење високообразовна дејност.

    Во Македонија има неколку медицински факултети, вклучувајќи го Медицинскиот факултет во Скопје, Штип и Тетово. Овие факултети обезбедуваат образование во области како општа медицина, стручни медицински сестри/техничари, радиолошки технолози, логопедија и физиотерапевти. Минатата година дозвола за основање на Факултет за здравствени науки доби Приватната високообразовна установа Меѓународен универзитет „Визион“ во Гостивар.

    Лани на 20 јуни, Стејт департментот го означи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко како непожелен за влез во САД поради вмешаност во значајна корупција. Стејт департментот тогаш кажа дека како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери. На црната листа на САД истовремено се ставени и неговата сопруга Шпреса и трите полнолетни деца, Генц, Назмије и Дренуше.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира