ВО ТЕК Е ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ПО СМРТТА НА ПЕТГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ, КОЕ ДЕНЕС ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАНО

    ВО ТЕК Е ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ПО СМРТТА НА ПЕТГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ, КОЕ ДЕНЕС ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАНОТаткто Стојче Христовски изјави дека на девојчето ѝ била дадена инфузија по што шеќерот кој бил девет се покачил на 19 и состојбата и се искомплицирала. (Фото: СДК.МК)

    Во Клиничката болница во Битола денес започна вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за да се утврдат реалните факти како биле лекувано петгодишното девојче Јана Христовска која завчера почина во болницата откако претходно примила инфузија.

    „Веќе е отпочната постапка, односно отпочнат е вонреден надзор за тоа што се има случено во Битола. Директорот на битолската болница веќе е на пат за Скопје каде ќе има состанок со министерот и заменикот за здравство, а информирано е и Јавното обвинителство. Сите детали откако ќе ги имаат институциите ќе бидат споделени со јавноста. Врз основа на факти да се утврди објективната состојба што се случи и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции каде што е потребно“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

    Министерот за здравство Фатмир Меџети рече дека и тие го чекаат исходот од вонредниот инспекциски надзор, ќе контактираат и со семејството на починатото девојче по што ќе излезат уште во текот на денешниот ден со информации во јавноста. Основното јавно обвинителство од Битола издаде наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки за случајот. Од таму соопштија дека причината за смрт на девојчето сè уште не е утврдена.

    Јана Христовска од битолското село Кравари која почина во средата, денес ќе биде погребана. Веста за нејзината смрт ја потресе јавноста. Нејзиниот татко Стојче Христовски изјави дека на девојчето ѝ била дадена инфузија по што шеќерот кој бил девет се покачил на 19 и состојбата и се искомплицирала.

    Јана беше однесена завчера в болница во Битола, а според родителите била малаксана, со болки во мускулите на нозете и со потечени очни капаци. Претходно не боледувала од ништо освен од настинки. Таа беше примена во 10 часот а почина околу 15 часот.

    Болницата побара обдукција за утврдување на причините за смртта.

    Во 2013, 70-годишниот битолчанец Јорго Ангелевски почина откако вработен во болницата наместо физиолошки раствор во инфузијата му дал дезинфекциско средство. Против 48-годишниот вработен беше поднесена кривична пријава за убиство од небрежност. На Одделението за ургентна медицина вработениот, кој не бил медицинско лице, од невнимание му дал дезинфекциско средство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира