ВО ТЕТОВО ПОВТОРНО ИМА РЕСТРИКЦИИ НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ОТКАКО ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ВО МАВРОВО ГО ОШТЕТИЈА ГЛАВНИОТ ЦЕВКОВОД

    ВО ТЕТОВО ПОВТОРНО ИМА РЕСТРИКЦИИ НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ОТКАКО ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ВО МАВРОВО ГО ОШТЕТИЈА ГЛАВНИОТ ЦЕВКОВОДРестрикциите ќе траат до санирање на главната водоводна линија во Лешница (Фото: СДК.МК)

    Не поминаа ни три недели, Тетово повторно има недостиг на вода за пиење и повторно дефектот е на новиот водовод.

    Кај месноста Лешница оштетена е цевка со промер фи-500, поради што во Тетово повторно се воведени рестрикции на водата за пиење, кои траат повеќе од 11 часови. Според вработените во ЈКП „Тетово“, и овојпат, причина за оштетувањето на водоводната ценка е лизгање на земјиштето, но сега како резултат на неодамнешните земјотреси во Мавровскиот Регион.

    „Моментално, водата во градскиот водовод драстично е намалена и падна на средна вредност од само 150 литри во секунда. За ублажување на оваа состојба, ЈКП ‘Тетово‘ ги активираше четирите бунари во градот кои служат како резерва токму за вакви случаи. Со цел еднакво опслужување со вода за пиење во сите делови од градот, од денеска ќе има рестрикции во три термини: од 8:00 до 11:30, од 15:00 до 18:00 и од полноќ до 05:00 часот. Оваа рестрикција ќе трае до санирање на главната водоводна линија во Лешница“, информираат од ЈКП „Тетово“.

    Последниот дефект се случи на 23 февруари. Тогаш беа потребни дури 10 работни дена за да се постават 60 метри водоводни цевки.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира