ВО ТЕТОВО ПРВПАТ ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

    ВО ТЕТОВО ПРВПАТ ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИКЛитературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово организираше свечена академија за 5 Мај. (Фото: СДК.МК)

    Со свечена академија во организација на Литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“, во Тетово за првпат се одбележа Денот на македонскиот јазик, 5 Мај. За значењето на македонскиот јазик и за неговата историја говореше Марина Даниловска, професорка по македонски јазик на Катедрата при Универзитетот во Тетово.

    „Денес им оддаваме почит и на сите оние претходници коишто имаат голема заслуга за создавањето и афирмацијата на македонскиот јазик. Oваа 2023 година се одбележуваат и неколку значајни годишнини: во 1903 година, или поточно пред 120 години, Крсте Петков Мисирков ја објави книгата ‘За македонцките работи’; се навршуваат и 115 години од раѓањето на Кочо Рацин и 80 години од неговата прерана смрт; се одбележуваат и 130 години од смртта на Григор Прличев и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Нашите автори неуморно создавајќи дела на ‘јазик на еден мал народ’, како што вели великанот Конески, оставија траен печат во литературата, во лингвистиката, во историјата на јазикот и во македонската култура“, рече професорката Даниловска.

    По повод празникот на македонскиот јазик, тетовскиот писател Јован Дамјановски се обрати со беседата „Македонскиот јазик и писмо, светли знаци за македонската земја“.

    „Денес е величествен ден за нашиот јазик. Создавањето на словенската азбука беше духовна светлина за словенскиот народ и Македонците и почеток на една тешка и судбоносна борба за национална самобитност. Така и се исполнија дванаестте векови словенска книжевност. Македонската земја и народот добиваше свој идентитет кој не е само историја, туку долг кон многуте генерации кои го овековечуваа Македонецот и македонската земја низ времето и вековите“, рече Дамјановски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира