ВО ТЕТОВО ПРВПАТ СЕ ОБЕЛЕЖУВААТ ПАРКИНГ МЕСТА ЗА ВОЗИЛАТА НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    ВО ТЕТОВО ПРВПАТ СЕ ОБЕЛЕЖУВААТ ПАРКИНГ МЕСТА ЗА ВОЗИЛАТА НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТЗа почеток ќе има 13 паркинг места обележани со сина боја (Фото: СДК.МК)

    На главните булевари и пред поважните институции во Тетово се обележуваат првите паркинг места за возилата на лица со попреченост. Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека ова е само почеток на оваа акција. Во иднина, кога ќе се отвораат нови паркинг места во градот, ќе се зголемува и бројот на местата предвидени за паркирање возила на лицата со попреченост.

    „Во оваа фаза обележуваме 13 паркинг места за лицата со попреченост. По две места ќе има кај Зелениот пазар, пред Поштата, зградата на Општина Тетово и Клиничката болница, а по едно пред објектите на банките, училиштето ‘Лирија‘ и во близина на Судот“, изјави Игор Додевски, директорот на ЈП „Градски паркинг“.

    Да се најде слободно паркинг место во Тетово е многу тешка работа, но и покрај тоа, од ЈП велат дека е направен напор да им се излезе во пресрет на лицата со попреченост, што е и законска обврска на секое паркинг претпријатие.

    „Според законските норми, обврзани сме 2 отсто од паркинг местата да бидат предвидени за возилата на лица со попреченост. Тетово во овој момент располага со 420 паркинг места, според што би требало да има само осум паркинг места за лицата со попреченост, но ние направивме 13. Но, сега откако ги обележавме овие паркинг места, ќе мора да работиме и на едукација на возачите. Утрово, бојата на асфалтот уште не беше исушена, а таму веќе се паркирало едно возило што не треба. Пајак службата и полицијата во наредниот период ќе имаат многу работа“, вели Додевски.

    ЈП „Градски паркинг“ од почетокот на оваа година издаде околу 200 налепници за повластено паркирање на лицата со попреченост, додаде Додевски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира