ВО ТЕТОВО РЕЧИСИ НА СЕКОЈА ЗГРАДА ИМА НАДГРАДБА, НО НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА КАЖЕ КОЛКУ СЕ ТИЕ ОТПОРНИ НА ЗЕМЈОТРЕСИ

    ВО ТЕТОВО РЕЧИСИ НА СЕКОЈА ЗГРАДА ИМА НАДГРАДБА, НО НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА КАЖЕ КОЛКУ СЕ ТИЕ ОТПОРНИ НА ЗЕМЈОТРЕСИМасовната изградба на поткровја најмногу се должи на помалата инвестиција што е потребна за градба и нискиот стандард на граѓаните, а и поради тоа што релативно полесно се добива дозвола за надградба. (Фото: СДК.МК)

    Зградите во Тетово во изминативе дваесетина години пораснаа за уште еден кат. Во градот речиси да нема зграда на која нема надградба од еден, а понекаде и од два ката. Дури и новоизградени и сé уште невселени згради добиваат дозвола за изградба на поткровје.

    Стручните лица од областа на градежништвото и архитектурата велат дека надградбите на објектите се можни и се законски дозволени, но само ако се извршат правилно и со квалитетни материјали, во спротивно при евентуален земјотрес може да настанат големи оштетувања на целиот објект.

    „Во Закон тоа се вика адаптација и пренамена. Меѓутоа не е толку добро да се рушат ѕидови, затоа што и тие се еден добар фактор за стабилност на објектот како целина при земјотрес. Тие измени или реновирања се голем проблем бидејќи не само што ќе се оштетат постојните ѕидови, туку многу често се случува да се оштетат и конструктивните елементи, затоа што нема контрола при градбата или пак изведувачите многу не ги интересира како ќе ја извршат надградбата. Со самата надградба или адаптација може да се каже дека се менува кодот на објектот. Не дека не може да се менува кодот, но за да се направи тоа онака како што треба потребни се многу вештина и знаење“, вели Бекир Адеми, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

    Според градежниот инженер Антовски, оред него, Тетово како територија, спаѓа во осма категорија според Меѓународната сеизмичка скала на земјотреси и при евентуален земјотрес од голема јачина може да се очекуваат значителни штети кај просечни и слабо изведените конструкции и тоа со паѓање на оџаци, столбови, ѕидови. (Фото: СДК.МК)

    Масовната изградба на поткровја најмногу се должи на помалата инвестиција што е потребна за градба и нискиот стандард на граѓаните, а и поради тоа што релативно полесно се добива дозвола за надградба. Но, самиот факт што на постојната градба се додаваат нови елементи доаѓа до оптоварување на конструкцијата, односно зголемување на нејзината тежина, со што се оптоварува постојната инсталација, а и самиот објект.

    „Од градежен аспект доградбата или надградбата го менува веќе изведениот објект од секој аспект и го отповарува. Тоа е дополнителен товар на конструкцијата за која што објектот можеби ине е предвиден да ја издржи па се оди до неговиот лимит на носивост и употребливост. Опасноста лежи во тоа што дел од ваквите објекти се изведуваа како ‘дивоградба’ кои подоцна се легализираа само со геодетски елаборат. Тие немаат никаков доказ во пишана форма за тоа како се проектирани и изведени, а тоа влева голем сомнеж каква е нивната исправност и колку така изградените објекти се опасни“, вели градежниот инженер Никола Антовски.

    Според него, Тетово како територија, спаѓа во осма категорија според Меѓународната сеизмичка скала на земјотреси и при евентуален земјотрес од голема јачина може да се очекуваат значителни штети кај просечни и слабо изведените конструкции и тоа со паѓање на оџаци, столбови, ѕидови.

    „Самата изведба на доградба или надградба го зголемува ризикот од зголемени деформации на постојниот објект при експлоатација, а посебно при појава на земјотрес. Објектите кои се проектирани и изведени според стандардите имаат значително помал ризик за нивен колапс при појава на земјотрес. Кај објектите кои се бесправно изградени немаме јасна слика за тоа колку е зголемен нивниот ризик од колапс при земјотрес и дали во таква една ситуација ќе страда само доградбата или можеби целиот објект“, посочува инженерот Антовски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира