ВО ТЕТОВО ВРЕМЕНО ЗАПЛЕНЕТО И ПОРШЕ КОЕ СОПСТВЕНИКОТ ГО ВОЗЕЛ НЕРЕГИСТРИРАНО ПОВЕЌЕ ОД ШЕСТ МЕСЕЦИ

    ВО ТЕТОВО ВРЕМЕНО ЗАПЛЕНЕТО И ПОРШЕ КОЕ СОПСТВЕНИКОТ ГО ВОЗЕЛ НЕРЕГИСТРИРАНО ПОВЕЌЕ ОД ШЕСТ МЕСЕЦИОд Сообраќајната полиција во Тетово велат дека за три месеци колку што е оваа мерка на сила, времено се одземени 40 возила и дека оваа мерка дава резултати. (Фото: СДК.МК)

    Мерцедеси, БМВ-а, едно Порше, се само дел од четириесетте времено запленети возила кои им се одземени на сопствениците во Тетово, бидејќи при сообраќајна контрола е утврдено дека не биле регистирани повеќе од шест месеци. Изненадува фактот дека најголемиот дел од овие возила се од повисоката класа кои неретко чинат десетици илјади евра. Од Сообраќајната полиција во Тетово велат дека за три месеци колку што е оваа мерка на сила, времено се одземени 40 возила и дека оваа мерка дава резултати.

    „После истекот на казната од три месеци, сопствениците можат да си ги повратат возилата, но претходно им ги одземаме сообраќајната дозвола и табличките и ги упатуваме на технички преглед за да го регистрираат возилото. Откако ќе ни донесат регистрационен лист ќе можат да си го повратат возилото. Ова го правиме со цел да не се повтори делото, односно возилото задолжително да се регистрира. Оваа мерка дава резултати бидејќи луѓето стануваат сѐ посвесни дека ако возат нерегистрирано возило тоа може да им биде одземено и настојуваат навреме да го регистрираат“, велат од полициската станица за безбедност во сообраќајот во Тетово.

    Деновиве исто така продолжува акциските контрола во областа на сообраќајот со која се санкционираат возачите кои ја пречекоруваат дозволената брзина на возење на патиштата и градските улици.

    „Во претходните денови имавме засилени контроли на патиштата од Гевгелија до Скопје и од Куманово до Охрид. Така само во текот на вчерашниот ден имавме изречено 325 санкции за брзо возење на овие правци од кои 194 се на територијата на СВР Тетово. Засилените акциски контроли продолжуваат и во текот на денешниот и наредните денови. Додека траат овие акциски контроли евидентно е дека имаме намалување на сообраќајни незгоди и особено намалување на бројот на жртви во сообраќајните незгоди. Минатата година беше рекордна со најмал број на жртви во сообраќајни незгоди, имаше 125 вакви незгоди, и сакаме оваа бројка што е можно повеќе да ја намалиме“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски при денешната посета на полициската станица за безбедност во сообраќајот во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира