ПРЕТЕПАН МЕДИЦИНСКИ ТЕХНИЧАР ОД БРЗАТА ПОМОШ ВО ТЕТОВСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА

    ПРЕТЕПАН МЕДИЦИНСКИ ТЕХНИЧАР ОД БРЗАТА ПОМОШ ВО ТЕТОВСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦАПоради инцидентот во Клиничката болница се приведени две лица (Фото: СДК.МК)

    Медицински техничар од брзата помош во Клиничката болница во Тетово крвнички бил претепан на своето работно место. Инцидентот се случил во четвртокот во три часот по полноќ, кога во брзата помош дошол 28-годишниот М. Г. од Тетово со мајка му, која била во алкохолизирана состојба. Откако медицинскиот техничар ги упатил на Интерното одделение, М. Г. почнал да го удира со клоци и тупаници, нанесувајќи му тешки телесни повреди, скршени заби и нос и повреди по рацете и нозете. Поради сериозноста на повредите, Џелал Нухиу бил хоспитализиран на одделението за интензивна нега.

    Едно лице го доведе својот родител во алкохолизирана состојба и ме праша каде да ја носи. Со сестрата му објаснивме да ја испрати на интерното одделение, по што без двоумење ме нападна и изгубив свест. Потоа не знам што се случило. Имам сериозни повреди. Ниту го познавам, ниту имав некакво несогласување со дотичниот. Немавме никаков вербален конфликт. Имам скршени заби, скршен нос, скршено колено“, изјави Нухиу за телевизијата „АлсатМ“.

    Случајот бил пријавен и во тетовската полиција, па напаѓачот бил приведен.

    Во четвртокот во три часот и пет минути, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 28-годишниот М. Г. од Тетово, кој дваесетина минути пред тоа нападнал двајца вработени во тетовската брза помош. Нешто подоцна, се пријавила и неговата мајка С. Г. (55). Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот“, соопшти Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

    Во изминатиов период, неколкумина лекари во Тетово беа нападнати на своето работно место, при што им беа нанесени повреди.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира