Тетовското село Камењане доби нова градинка во која ќе можат да престојуваат 87 деца на возраст до шест години. Станува збор за современ објект, за кој Министерството за труд и социјална политика ѝ даде грант од 260.000 евра на Општина Боговиње.
„Оваа градинка го носи името ‘Јета‘, што на македонски значи живот и тоа е многу симболично име за една јавна установа за сместување деца од предучилишна возраст. Таа ќе згрижува 87 деца, поделени во пет возрасни групи од нула до шест години, а веќе е подготвен и персоналот кој ќе работи во градинката. Овој објект порано бил училиште и е пренаменет, реконструиран со енергетски ефикасна фасада и опремен со најсовремена опрема за потребите на една ваква институција. Ова е осма градинка што како Влада ја отвораме од август 2020“, изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа изјави дека Владата со новиот, петти пакет помош ја разгледува можноста да бидат вклучени и лицата со попреченост, односно оние кои досега по ниеден основ не биле опфатени со мерките за финансиска помош.
„Вчера разговаравме за ова со вицепремиерот за економски прашања, а ние како министерство правиме анализа на податоците во нашите регистри. Тоа не е голема бројка, па верувам дека и овие лица ќе бидат вклучени со новиот пакет мерки“, додаде Шахпаска.
З. АНДОНОВ