ВО ТЕТОВСКОТО ШКОЛО „ИСТИКБАЛ“ ПРЕКИНАТ УПИСОТ НА ПРВАЧИЊАТА ОТИ ЕДЕН НАСТАВНИК Е ПОЗИТИВЕН НА КОВИД-19

    ВО ТЕТОВСКОТО ШКОЛО „ИСТИКБАЛ“ ПРЕКИНАТ УПИСОТ НА ПРВАЧИЊАТА ОТИ ЕДЕН НАСТАВНИК Е ПОЗИТИВЕН НА КОВИД-19Директорот на училиштето Реџеп Алили рече дека тој и уште 39 наставници самоиницијативно се во изолација поради можен контакт со колегата кој немал никаков контакт со уписната комисија. (Фото: СДК.МК)

    Во основното училиште „Истикбал“ во Тетово е прекинат уписот на првачињата, бидејќи било утврдено дека еден од наставниците во училиштето е позитивен на КОВИД-19. Директорот на училиштето Реџеп Алили во телефонски разговор ни изјави дека тој и уште 39 наставници самоиницијативно се во изолација поради можен контакт со колегата.

    „Дека еден наш колега е позитивен на тестот за КОВИД-19 дознавме пред два дена. Веднаш по ова, ние во училиштето ги презедовме потребните мерки. Сите оние кои биле во физички контакт со наставникот самоволно се ставени во самоизолација. Во самоизолација се наоѓам и јас. Треба утре да го направам КОВИД-19 тестот, така ми е закажан терминот, а исто така и другите наставници допрва треба да бидат тестирани. Овој наставник не бил поврзан со процесот на упис на учениците во училиштето бидејќи, според здравствените препораки, уписот се одвива во посебна просторија и го прави посебна комисија составена од педагогот, психологот и две наставнички од нижите одделенија, па така овој наставник немал никаков контакт ниту со учениците што се запишуваат ниту со нивните родители. Сега вршиме дезинфекција на просторот во и надвор од училиштето. Поради ова, уписот на првачињата во училиштето е во прекин и ќе продолжи после 15 јуни“, ни рече директорот Алили.

    Од Секторот за јавни дејности на Општина Тетово го потврдуваат случајот и велат дека се преземени сите заштитни мерки, како во училиштето „Истикбал“ така и во сите други основни училишта каде деновиве се врши упис на првоодделенците.

    „Запознаени сме со случајот во училиштето ‘Истикбал’ и таму веднаш се преземени сите превентивни мерки. Наставничката кај која е потврдено присуство на коронавирусот е предметен наставник во повисоките одделенија и не била во никаков контакт ниту со комисијата која го врши уписот на првачињата, ниту со децата и нивните родители. И покрај ова, од превентивни мерки, наставниците со кои таа можела да биде во контакт се ставени во самоизолација, а уписот на првачињата е прекинат до 15 јуни. Во останатите основни училишта уписот на првоодделенците се одвива непречено и според сите задравствени протоколи кои опфаќаат дезинфекција на лицата и носење заштитна опрема. Уписот го вршат определени комисии и тој се одвива во засебни простории предидени само за таа намена. Радува податокот што имаме зголемен интерес за упис во прво одделение“, вели Ахмет Ќазими, раководител на Секторот за јавни дејности на Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира