За учебната 2025/26 година, која почнува во септември, во 5 општински средни училишта, едно државно училиште и едно приватно средно училиште во Тетово се очекува да се запишат 300 ученици повеќе од минатата година. Тетовските средни училишта денеска организираа саем на кој на осмооделенците им ги презентираа можностите и наставните програми на училиштата, за да привлечат што поголем број новозапишани ученици. Покрај досегашните програми дел од училиштата понудија и нови, современи насоки за кои, како што рекоа, постои сè поголем интерес.
„Оваа година за прв пат има покачување за 300 ученици во споредба со минатата година, кои потенцијално ќе можат да се запишат во тетовските средни училишта. Сепак, ќе треба понатаму да се направат дополнителни анализи за да се види дали сите тие ученици ќе се запишат во тетовските средни училишта или некои ќе заминат во училиштата во другите градови. Општина Тетово сега располага со вкупно 2.167 училишни места во прва година, од кои 1.800 се на наставна програма на албански јазик, 337 на македонски јазик и 30 на турски јазик. Некои училишта понудија и новини во наставните планови, па така средното економско училиште воведува нова наставна програма, а тоа е дигитален маркетинг“, вели градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.
Градоначалникот Касами најави дека од наредниот месец ќе започне реконструкцијата на двата објекта од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ каде сега наставата се одвива на македонски јазик. Реконструкцијата ќе се направи со донација на приватна фирма вредна 800.000 евра.
З. АНДОНОВ