ВО УРЕДУВАЊЕТО НА ПЛАЖА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ УЧЕСТВУВААТ И ЗАТВОРЕНИЦИ ОД ВЕЛЕШКИОТ ЗАТВОР

    ВО УРЕДУВАЊЕТО НА ПЛАЖА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ УЧЕСТВУВААТ И ЗАТВОРЕНИЦИ ОД ВЕЛЕШКИОТ ЗАТВОРГрадоначалникот Коцевски најави дека работите треба да завршат за една седмица (Фото: СДК.МК)

    Се уредува „Првата плажа“ на езерото Младост, а во градежните работи, покрај вработените од „ЈКП Дервен“ и „Тргоцемент“, учествуваат и девет лица кои отслужуваат казна во затворот близу Велес. Една седмица тие се ангажирани на општествено-корисна работа и локалната власт има многу пофалби за нив.

    „Раководителите кои работат на терен упатија многу пофални зборови за ангажираноста на затворениците, кои биле вредни и дисциплинирани. Им благодарам за помошта“, кажа градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

    Затворениците од велешкиот затвор често учествуваат и во градежните работи во Основен суд Велес.

    Ова е прва јавна плажа која се уредува на езерото, останатите две кои се уредени се сопственост на угостителски објекти. Се градат соблекувални, тушеви, пристапна патека која е прилагодена за лицата со попреченост и скалила, се поставуваат чешми за вода, сламени чадори и песок на плажата. Градоначалникот најави дека работите треба да завршат за една седмица.

    „Велешкото езеро е привлечно не само за велешани, туку и за посетители од соседните градови. Ако има позитивни реакции, догодина ќе уредиме уште една плажа“, додаде Коцевски.

    Тој најави поправка на Спасителна кула на здружението „Македонски спасител“, која била оштетена при сечење и пад на деградирани дрвја.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира