ВО ВЕЛЕС Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА КРИВИЧНИТЕ ДЕЛА, А МАЛ Е ПРОЦЕНТОТ НА ОТКРИЕНИТЕ СТОРИТЕЛИ

    ВО ВЕЛЕС Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА КРИВИЧНИТЕ ДЕЛА, А МАЛ Е ПРОЦЕНТОТ НА ОТКРИЕНИТЕ СТОРИТЕЛИЛани во Велес биле регистрирани 631 кривично дело (Фото: СДК.МК)

    Лани е забележан раст на бројот на кривични дела на подрачјето на Велес, 631 наспроти 571 во 2020, што е зголемување од 11 отсто. Најголем дел, 76 отсто, е од класичниот криминал, 20 отсто од економскиот и 3 отсто е трговијата со дрога. Ова се бројките од годишниот извештај за работењето на Полициската станица (ПС) Велес.

    „Од вкупниот број извршени кривични дела, 51 отсто се со познат сторител, а остатокот е со непознат. И од нив 307, подоцна се расветлени 111, со што е остварена ефикасност од 30 отсто. Овие бројки праќаат лоша слика кај потенцијалните инвеститори. Ова значи дека не се откриваат кривичните дела. Голема е бројката на поднесени барања по Законот за безбедност во сообраќајот. Во 2020 ги имало 193, лани биле 500“, кажа советникот Коста Нојков.

    Тој посочи уште една состојба: за прекршоците за носење заштитна маска кај луѓето и заштитна корпа кај домашните миленици.

    „За шетање кучиња без заштитна корпа имаме 23 прекршоци во 2020 и 33 пријави лани, додека за неносење заштитна маска има 1.621 прекршок. Законот е јасен: домашен миленик мора да носи заштитна корпа. Има големи кучиња кои сопствениците ги шетаат без корпа, тоа ги плаши децата“, дополни Нојков.

    Објаснување за состојбата даде Александар Костов, командир на ПС Велес.

    „Ефикасноста во однос на криминалитетот во други години е намалена. Овие 500 сообраќајни прекршоци се констатирани на автопат, каде што лани поради бегалската криза имавме седум полициски пункта со 24-часовно дежурство“, одговори Костов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира