Во спортската сала на средното училиштето „Коле Неделковски“ од Велес, утринава почна вакцинацијата против ковид-19 без закажан термин, па граѓани во голем број почнаа сами да доаѓаат за вакцинирање.
„Бевме изненадени утрово, кога пристигнавме на работа, имаше поголема група граѓани кои трпеливо чекаа да бидат вакцинирани. Сите беа од повозрасната група. Така беше во текот на денот, особено после 14 часот кога завршуваат со работа и доаѓаат на вакцинација“, кажа д-р Марина Тодоровска, координаторка на пунктот за масовна вакцинација.
Таа ја отфрла веројатноста дека големиот одзив е поради делта сојот на ковид-19 во Велес, кој е регистриран кај пациент од велешко село, вратен од Англија на 21 јуни, а хоспитализиран од 28 јуни.
Оваа седмица голем е опфатот на лица кои примаат вакцина во пунктот за масовна вакцинација во Велес.
„Почнавме вакцинација на просветните работници од средно и основно образование. Во тек е вакцинација на лица кои работат во текстилни конфекции, во фабрики каде има повеќе вработени во погони, вработените од ЈКП Дервен. Се вакцинираат лица од Гевгелија, Неготино, Демир Капија, Валандово и Богданци, со втора доза ‘Фајзер’“, додава д-рТодоровска
Заклучно до вчера, во овој пункт вакцинирани се 13.319 граѓани, од нив со две дози 4 .336, а со прва доза 8.983 лица. Во Здравствен дом Велес вакцинирани со прва доза „АстраЗенека“ и со „Синофарм“ се 14 илјади лица над 70-годишна возраст, а ревакцинацијата таму завршува на 13 јули.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 400.235 граѓани. Пријавени се 494.389 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 9.377 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.590 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 640.886 дози вакцини, а ревакцинирани се 240.651 граѓани.
П. ПЕЧКОВ