ВО ВЕЛЕШКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА ЌЕ НЕМА МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ

    ВО ВЕЛЕШКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА ЌЕ НЕМА МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИНовиот директор на велешкиот Центарот за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ Младен Крстевски (десно) и уметничкиот директор Васил Зафирчев (средина) (Фото: СДК.МК)

    Македонски и други филмови и натаму нема да има во Центарот за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Новиот директор и актер Младен Крстевски, кој по една деценија се враќа во матичната куќа, прашан на прес конференција кога велешани ќе можат да ги видат најновите македонски играни филмови за кои државата одвојува милиони евра, објасни дека на театарот филмската дејност не му била примарна цел, иако претходната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска на Центарот во Велес му подари дигитален кино проектор.

    „Македонскиот филм нема да биде вратен на репертоар. Државата што дава пари за филмови нека направи кина. Тоа што сме Центар за култура не значи дека сме здружен дом. Тој проектор ќе го отстраниме. Или ќе бидеме театар или го оставам клучот и си одам. Да појаснам, сакаме да ја искористиме салата Бели мугри која има извонредни услови за кино проекции. Ќе има место и кај нас и за придружни манифестации, но да не бидат 100 во годината. Луѓето вработени тука од толку настани беа преморени од работа, од 8 наутро до 11 пред полноќ“, рече Крстевски.

    Место за македонски филм ќе нема, но во октомври ќе се прикаже ревијата на новиот германски филм организирана од германската амбасада. Уметничкиот директор на велешки театар Васил Зафирчев додаде дека, според него, од бројните настани публика не доаѓала на претставите на велешките актери.

    „Во име на други настани кои се случуваат на сцената, жртвуваме многу наши претстави на нашиот репертоар. Тоа ја дисперзира публиката. Таа размислува – нашите ќе ги гледам друг пат, сега ќе гледам филм, балет, и тоа се одразува на посетеноста“, рече Зафирчев.

    Директорот Крстевски најави дека вгодина се враќа премиера на антички текст, која ќе биде играна во локалитетот Стоби, рече дека че се игра „,Лисистрата“ во режија на гостин од Ерменија. Крстевски им фрли ракавица на, како што рече, бројните режисери во театарот, да понудат нивни идеи и претстави да бидат работно ангажирани. Во велешки театар вработени се четворица режисери: Деан Дамјановски, Софија Ристевска, Ненад Витанов, Александар Ивановски.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира