ВО ВЕЛЕШКО ИМА ВИСОК ОПФАТ НА ВАКЦИНАЦИЈА КАЈ ДЕЦАТА ОД СИТЕ ВОЗРАСТИ

    ВО ВЕЛЕШКО ИМА ВИСОК ОПФАТ НА ВАКЦИНАЦИЈА КАЈ ДЕЦАТА ОД СИТЕ ВОЗРАСТИ„Горди сме на постиганиот успех во спроведувањето на вакцинацијата во 2022 и првото тромесечје од 2023“, вели д-р Лидија Проданова раководителка на Одделението за училишна превентивна заштита. (Фото: СДК.МК)

    Висок е опфатот на деца од школска и претшколска возраст со вакцинацијата во Велес и соседните општини Чашка и Градско. Повисок е процентот на деца школска возраст над шест години, отколку на децата од претшколска. Ревакцина со МРП на шест годишна возраст опфатот е 98,5%, тетраксим на седумгодишна возраст опфатот е 97%, реваксис на 14-годишни е со 95%, тетанус на 18 години е 94% и ХПВ која се дава на девојчиња на 12-годишна возраст во две дози во растојание од половина година е 92%.

    „Благодарение на вакцините искоренети се голем број заразни болести. Довербата на јавноста во нивната безбедност е клучен фактор за успехот на имунизацијата. Според календарот на имунизација во училишна превентива, имаме висок процент на вакцинирани деца. Горди сме на постиганиот успехј во спроведувањето на вакцинацијата во 2022 и првото тромесечје од 2023“, кажа д-р Лидија Проданова, раководителка на Одделението за училишна превентивна заштита.

    На ниво на Здравствен дом Велес опфатот на вакцините кои се аплицираат до првата година, односно БСЖ против туберкулоза, трите дози ротавирусна вакцина, двете дози стрептококна вакцина и трите дози поливалентна вакцина против хепатит Б, дифтерија, тетанус, магарешка кашлица, детска парализа, хемофилус инфлуенца, е одличен, над 93%, а за поодделни дози дури е над 95%.

    „Поради тоа што родителите одбиваат после една година да ги вакцинираат децата со МРП вакцина против сипаници и заушки, покрај сите наши напори опфатот е 70%. Неоправданиот страв од наведената вакцина и нејавувањето за вакцинација, придонесуваат за низок опфат и на другите две ревакцини против стрептокок и поливалентната вакцина, кои се аплицираат после првата година, тој изнесува 72 односно 77 отсто“, вели д-р Марина Тодоровска, раководителка на Одделените за предучилишна превентива.

    За вакцинацијата да биде успешна потребно е на локално ниво да бидат опфатени најмалку 90 отсто од децата. Поради високиот процент на опфат на децата од Велешко, Здравствениот дом не е меѓу 20 општини и е изоставен од програмата „Врата на врата“, која се изведува за зголемување на опсегот на вакцинација кај децата со посета на домовите.

    Според последниот извештај на УНИЦЕФ кој излезе минататиот месец, во 2021 година Македонија, заедно со Босна и Херцеговина и Киргистан, била на второ место во Европа и Централна Азија според бројот на деца со „нула дози“, кои немаат примена никаква вакцина, со 11 отсто од децата помали од една година.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира