ВОДА ВО СКОПЈЕ ЌЕ НЕМА ОД 22 ЧАСОТ УТРЕВЕЧЕР И В САБОТА ДО ПОПРАВАЊЕ НА ДЕФЕКТОТ

    ВОДА ВО СКОПЈЕ ЌЕ НЕМА ОД 22 ЧАСОТ УТРЕВЕЧЕР И В САБОТА ДО ПОПРАВАЊЕ НА ДЕФЕКТОТВода ќе имаат само населбите од левата страна на реката Вардар. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Од утре (20 декември) во 22 часот Скопје ќе остане без вода. Од дежурниот центар на ЈП „Водовод и канализација“ велат дека затворањето на главната водоводна цевка ќе почне утревечер, а на санирање на дефектите ќе се работи в сабота сѐ до нивно поправање. Колку точно време главниот град ќе биде без вода не се знае.

    Како што велат од претпријатието, вода ќе имаат само населбите од левата страна на реката Вардар, односно Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска улица до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман. Останатите корисници ќе бидат без вода.

    Од ЈП „Водовод и канализација“ нема информација дали ќе бидат поставени цистерни со вода во болниците, но и низ градот.

    За санирање на дефектот ќе биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600, заради реализација на претходно најавениот сложен оперативен план за санација на главниот цевковод. Покрај оваа локација, од „Водовод и канализација“ велат дека ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар Партизански одреди со улица Никола Парапунов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира