Водата во Крушево беше заматена бидејќи еден саат не работел хлорниот инструмент поради прекин на струја, кажа денеска Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и раководител на Главниот штаб за управување со кризи.
На 23 јули, Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека водата за пиење во Крушево е микробиолошки неисправна. Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Прилеп изјавија дека по примероците земени на 20 јули, водата од чешмите Света Петка, Крајпатна бензинска, реонот на Црешово Топче, Стара Црква и реонот под хотел Монтана (Општина Крушево) е микробиолошки неисправна за пиење. Од ЦУК апелираа дека за пиење треба да се користи флаширана вода, а за готвење и миење се препорачува водата пред употреба да се преврива најмалку 10 минути.
„Веднаш по објавата дека во Крушево водата за пиење е заматена, веднаш зборував со надлежните. Притоа бев информиран дека поради прекин на електрична енергија, најмногу еден час не работел хлорниот инструмент, односно немало хлорирање на водата, така што случајот во Крушево ни одделеку не е истиот со оној што се случуваше во Гостивар. Веднаш после еден час, тој уред којшто внесува хлор во градскиот водовод продолжил со работа. И очекувам таму состојбите веќе да бидат целосно нормализирани и според информациите треба да се соопштат од локалната самоуправа. Повторувам, немаме ниту една појава на луѓе коишто се жалат на здравствени симптоми и воопшто нема за споредба со овие два случаја“, рече Ангелов на прес-конференција по состанокот на Управувчкиот комитет за справување со кризи.
Б. НЕСТОРОСКА



