ВОДАТА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е ПОГОДНА ЗА КАПЕЊЕ, ВЕЛАТ АНАЛИЗИТЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ВОДАТА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО Е ПОГОДНА ЗА КАПЕЊЕ, ВЕЛАТ АНАЛИЗИТЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕПримероци на површинската вода биле земени од 32 места од Свети Наум до селото Радожда (Фото: СДК.МК)

    Водата во крајбрежниот дел на Охридското Езеро, односно делот што се користи за капење и рекреација, е од прва и втора класа, велат од Центарот за јавно здравје Охрид. Оваа анализа доаѓа една недела по појавата на полен во езерската вода кај градското пристаниште, што предизвика вознемиреност кај граѓаните и екологистите.

    Центарот за јавно здравје направи физичко-хемиска и микробиолошка анализа на примероци на површинската вода, земени од 32 места од Свети Наум до селото Радожда.

    „Комплетните анализи на квалитетот на водата во крајбрежниот дел на Охридското Езеро од македонската страна беа извршени во лабораториите на Центарот за јавно здравје Охрид. Резултатите од физичко-хемиската и микробиолошката анализа на земените примероци покажуваат дека водата во крајбрежниот дел во втората половина на мај 2020 припаѓа на прва и втора класа, односно оценета е како одлична. Според тоа, и согласно Уредбата за класификација на водите, водата во крајбрежниот дел на Охридското Езеро е погодна за капење, спорт и рекреација”, велат од Центарот за јавно здравје.

    Оттаму кажаа дека во наредниот период ќе се анализираат примероци на вода од реките што се влеваат во Охридското Езеро од македонската страна.

    „Центарот за јавно здравје Охрид во текот на целата летна сезона ќе ја следи состојбата со квалитетот на површинската вода во Охридското Езеро и навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за резултатите од извршените анализи“, кажаа од Центарот.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира